Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Џовани Бруска, мафијашот што го детонираше експлозивот и ја предизвика експлозијата со која во 1992 година беше убиен судијата Џовани Фалконе, е ослободен од затвор по издржување на 25-годишна казна, што наиде на гнев и тага од семејствата на оние што ги уби.
Бруска бил уапсен во 1996 година, четири години по нападот во кој беа убиени Фалконе, неговата сопруга и тројца полицајци. Откако станал владин информатор, тој им помагал на обвинителите во нивната борба против клановите на Коза Ностра.
Убиството на Фалконе е една од најозлогласените епизоди во долгата и насилна италијанска историја на борбата против организираниот криминал. Два месеци подоцна следува убиството и на судијата Паоло Борселино, исто така борец против мафијата.
Денес, 64-годишниот Бруска ја призна својата улога во повеќе од стотина убиства, вклучително и онаа на 14-годишниот Џузепе Ди Матео, кој бил убиен и фрлен во киселина, бидејќи бил син на мафијашки доушник.
„Соработуваше со судството само за да добие нешто, тоа не е лична, интимна одлука“, изјави Розарија Коста, вдовица на полицаецот кој загина со Фалконе, за весникот Кориере дела Сера.
Марија Фалконе, сестра на судијата, рече дека е „тажна“ поради веста, но дека законот му дава право на Бруска да излезе од затвор, пренесува Ројтерс.
Бруска на истражителите им дал информации за неколку смртоносни напади на Коза Ностра извршени во осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век и сведочел во процесот околу наводни преговори меѓу италијански официјални лица и мафијата за извршување бомбашки напади.
Бруска веќе неколку пати бил привремено ослободуван од притвор, а по конечното ослободување четири години ќе биде на условна казна.
„Што и да мислиме за злосторствата што тогаш ги извршил, постоеше и соработка. Да не заборавиме дека даде информации за бомбашките напади во Сицилија и во централна Италија“, рече главниот истражител во борбата против мафијата, Федерико Кафиеро Де Раџо.
„Јасно е дека судиите веруваа дека ова е соодветна затворска казна за него“, додаде тој.
Неколку италијански политичари го критикуваа ослободувањето на Бруска.
„Ова не е ‘правда’ што Италијанците ја заслужуваат“, рече Матео Салвини, поранешен министер за внатрешни работи и лидер на десничарската Лига, која добро стои на анкетите.