Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Според извештајот за среќа на „Галуп“, најсреќна нација во светски рамки се Финците, додека Македонците се наоѓаат на 89. место од вкупно 156 земји.
Кога станува збор за другите поранешни југословенски републики, пред Македонија се наоѓаат Словенија на 51. место, Хрватска на 82. место, Босна и Херцеговина на 93. место, Црна Гора на 81. место и Србија на 78. место, велат податоците од споменатиот извештај.
Веднаш по Финска се наоѓаат Норвешка, Данска, Исланд и Швајцарија. Кога станува збор за државите од Европската Унија, најсреќни се луѓето од Австрија, кои на оваа ранг-листа се најдоа на 12. место. Зад нив се Германците, на 15. место.
Но, иако истражувањето покажа дека Финците се најсреќниот народ, тие не се согласуваат со таа оцена.
„Финците, но и останатите нордиски народи по природа се интровертни, тешко покажуваат емоции. По тие карактеристики, тие се целосно спротивни од, да речеме, Латиноамериканците, кои имаат побурен темперамент и реакции“ – вели Маик Викинг, директор на Институтот „Истражување на среќата“.
Џон Халивел, професор на Универзитетот на Британска Колумбија и коуредник на Светскиот извештај за среќата, објаснува дека во ова истражување не станува збор само за емоциите и среќата, туку оваа анализа се однесува на задоволството од квалитетниот живот и средениот систем.
„БДП по глава на жител придонесува за квалитетот на животот и го продолжува животниот век. Тука е и сознанието дека се грижите за некој и дека знаете дека имате некој што може да ви помогне и дека имате слобода да донесете одлука. Со тоа, овде станува збор за довербата и великодушноста, а Финска високо се рангира според овие критериуми“ – вели Халивел.
Д-р Френк Мартела, истражувач по социјална психологија од Универзитетот во Хелсинки, се согласува со него.
„Довербата е доста важна работа тука. Луѓето сакаат да се гледаат себеси како личности што шират доверба. Ако ви падне паричникот на улица, во оваа земја сигурно ќе ви биде вратен, а обично во него ќе бидат и парите“ – вели тој.
Финска е управувана со ефикасно сочувство и длабоко почитување на човековите права. Тоа е едно од најдобрите места во светот за мајките и го има еден од најдобрите образовни системи во светот. Зачудувачки е добра во политиката за заштита на животната средина, рамноправноста меѓу половите и рамнотежата помеѓу работата и животот. Ова се работи што народот може да го направат посреќен, без разлика дали нивната култура или природа е да се смеат или не.
„Ако Финците ви кажат дека не се среќни, сфаќам. Тие често се песимисти по природа и воздржани во своите емоции. Тие пијат премногу, темно е, зимите се студени и тешки. Оваа финска среќа за која слушаме не е често поврзана со танцување или насмевка или надворешно задоволство. Ако тоа е вашата идеја за среќа, тогаш не, тие не се најсреќни. Овие истражувања се за квалитетот на животот. Од можен живот, дали го живеете најдобриот? Дали можете да го контролирате вашиот живот? Дали имате избор? Дали поминувате време со семејството? Дали се чувствувате безбедно? Дали можете да бидете продуктивни во општеството? – вели финската авторка Анун Партанен.