Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
75-годишна скопјанка е една од неколкуте измамени граѓани (поголем дел од нив денес веќе мртви) која си ја дала родената куќа за изградба на зграда на тоа место, со надеж дека ќе живее во нов стан, но скоро дваесет години е без дом.
Оваа 75-годишна скопјанка се уште се надева дека ќе ја дочека правдата и еден ден ќе се всели во зградата што никнала на нејзиниот и плацевите на уште десетмина жители на Кисела Вода. За жал, дел од нив веќе починале, пренесува Канал 5.
„Петнаесет години сопствениците на куќите и становите се во тешка состојба. Повеќето од нив починаа. Тие што се живи староста ја поминуваат под кирија, кирија која што сами си ја плаќаат. Ве молиме слушнете го нашиот крик на очај, очај на обичниот македонски човек – заглавен во лавиринтите на системот.“
Зградата лоцирана на улицата Виктор Иго почнала да се гради во 2002 година, била речиси готова за две години, но тогаш почнале и проблемите. Градбата запрела, а во јануари 2007 година општината решава да ја урне бидејќи инвеститорот РАБА не ги платил комуналиите во висина од 70.000 евра. По еден изминат ден, тогашната општинска админстрација запрела со уривањето, но од тој јануари 2007 па до денес ситуацијата е статус-кво.
Зошто воопшто општината дозволила да се гради без да бидат платени комуналиите, а кога веќе се изградила зошто не нашла друг начин да ги наплати туку се одлучила да удри по објектот останува нејасно. Особено што несудените станари уште тогаш се понудиле самите да ги платат комуналиите.
Од општината сега велат дека бараат начин да се реши проблемот и се во постојана комуникација со оштетените со цел објектот да се догради.
„На последната таква средба, надлежните од Секторот за урбанизам и просторно планирање на присутните граѓани детално им објаснија со посочување на членови од законот, што е возможно и што треба да спроведат етапно, во фази кои ги опфаќаат и двете постапки, легализација и одобрение за градење, за да се дојде до финално решение.“ – велат од општината за Канал 5.
Споменатата скопјанка вели дека веќе 12 години слушаат само ветувања, но вербата полека ја губи.
„Последен пат бевме на средба пред еден месец. Тој ни ветуваше дека сè ќе се среди, дека сè ќе биде во ред. И така не испрати. И пред тоа бевме на уште еден. Тој состанок го држеше секретарот на општината, не беше тука градоначалникот. И тогаш ни ветуваа дека ќе ни излезат во пресрет, дека ќе најдат начин како да се подигне зградата.“
Оваа зграда е само една од десетината во Скопје кои наместо домови станаа дувла за бездомници и зависници од дрога. Причините беа измами, препродавање на исти станови на повеќемина, пропаѓање на фирмите-инвеститори, долги и сложени судски постапки без ефективна завршница. Системско решение не најде ниту една власт.