Германците сакаат да инвестираат во Македонија, а македонските работници избегаа во Германија


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Германските компании кои имаат желба да инвестираат во Македонија, ќе се соочат со недостаток на квалификувани работници од една парадоксална причина – таквите македонски кадри се иселија токму во Германија.

Од март годинава Германија ги отвора вратите за младите квалификувани работници од трети земји поради што се очекува уште поголем одлив на младите квалификувани работници од државата. За да се запре овој процес на масовна миграција од Стопанската комора предлагаат примена на дуално образование, зголемување на платите и подобрување на условите за работа.

„Компаниите во Германија бараат квалификуван кадар, а германските инвеститори тука исто така бараат квалификуван кадар. Постојат конфликтни интереси. Затоа работните места во земјава треба да се направат попривлечни за да успеат да ги задржат работниците тука. Германските инвеститори се обидуваат да се прошират не само во автомобилската индустрија, туку и во другите индустрии и да придонесат до раст на платите“, изјави заменик амбасадорот на Германија во земјава, Ото Граф.

Според него, инвеститорите доаѓаат во Македонија поради пониски трошоци и поевтина работна сила, но се засегнати од овој проблем. Германските компании во Македонија нудат подобро здравствено осигурување, превоз и високи плати кои го пратат растот на продуктивноста.

„Од Западен Балкан годинава ќе се примаат и лица со пониски квалификации. Миграцијата е процес кој не може да се запре. Генерално во земјава се издаваат 10.000 визи за Германија по различни основи“, вели заменик амбасадорот Граф и додава дека не може да се споредуваат македонските и германските плати, бидејќи во Германија трошоците се повисоки.

Тој смета дека недобивањето датум за преговори на Македонија за членство во ЕУ нема да влијае на одлуките за инвестирање на германските инвеститори и додава дека реформите ги правиме за нас, за да го направиме животот тука подобар.