Актуелно

Германските граѓани забрзано се вооружуваат – што е причината за тоа?

Во моментов над 640.000 Германци имаат дозвла да поседуваат воздушно оружје (плашливец), а бројот на германско население кое го поседува таканаречениот мал оружен лист повторно е во пораст. Порастот е особено забележан во две германски покраини.

Германскиот дневник Рајнише пост пренесе дека во моментов во Германија 640 илјади луѓе го поседуваат „малиот оружен лист“. Со тој документ тие можат во јавност да носат со себе пипер-спреј или таканаречен плашливец (стартен или воздушен пиштол).

Тие не можат да испукаат вистински куршум, но и таквите дијаболи се опасни. Испукани од непосредна близина можат да имаат дури и смртоносни последици.

Рајнише пост потсетува дека бројот на сопственици на таквиот документ во 2014 година изнесувал 260.000. Во изминатите 12 месеци тој број, во однос на истиот период минатата година се зголемил за девет отсто.

За во Германија да се добие дозвола за носење такво оружје, лицето мора да биде полнолетно, од полицијата да добие потврда дека не е казнувано, како и дека е способно да носи оружје.

Во однос на бројот на жителите, најмногу сопственици на „мали оружени листови“ има во две сојузни покраини: во Шлезвиг-Холштајн (9,6 дозволи на 1.000 жители) и во Сарската област (9,2).

Синдикатот на полицијата оценува дека причината за тоа е „латентната несигурност“ кај населението. Претседателот на синдикаот Оливер Малхов за Рајнише пост изјави дека „очигледно по настаните во новогодишната ноќ во Келн во 2015 година, сѐ повеќе луѓе се чувствуваат небезбедно“.

Таа ноќ во Келн сексуално беа нападнати или вознемирени повеќе стотици жени, главно млади.

„Зголемувањето на бројот на лица кои поседуваат дозвола за носење воздушно оружје покажува дека и ние треба да работиме на тоа да им го вратиме чувството на безбедност“, вели Малхов. Според него, првиот важен чекор кон тоа е зголемувањето на присуството на полицијата на улиците.

Според наводите на сојузното министерство за внатрешни работи, се зголемил и бројот на лица кои поседуваат оружје од разни категории: во Германија во 2018 година во прватна сопственост имало 5,4 милиони парчиња оружје. Тоа се 27.000 парчиња повеќе во однос на претходната година. Главно станува збор за „долги цевки“, односно за ловечки пушки и сачмарки.

Advertisements
To Top