Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Германската фармацевтска компанија „Гересхајмер“ денеска ја претстави изградбата на својата втора фабрика која ќе ја гради во ТИРЗ Скопје 2. Станува збор за производствен објект за производи од медицинско стакло и шприцеви за вакцини и во која ќе се вработат 180 лица и каде што просечната плата ќе изнесува над 1.000 евра.
Инвестицијата „тежи“ над 126 милиони евра што претставува рекорден износ на инвестиција од основањето на тирзовите во државата, а со досегашните вложувања на компанијата, вкупниот износ на инвестициите достигнува над 180 милиони евра што ја прави најголема поединечна гринфилд инвестиција на некоја компанија во земјава од нејзиното осамостојување, пренесува Независен.
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека пред околу четири години компанијата направи смел чекор инвестирајќи во фабрика за медицинска пластика во Технолошко индустриски развојната зона Скопје 2.
Тој додаде дека „Гересхајмер“ остана најголемиот закупец и најголемиот поединечен инвеститор во технолошко индустриските развојни зони во Северна Македонија и највисок инвеститор во ТИРЗ зоните по висина на инвестициите. Тој посочи дека биле потребни само 30 минути средба која што ја имал со менаџерите на компанијата за да се донесе одлука најголемата фабрика која што ја има овој концерн, да ја има токму во Северна Македонија.
Во ТИРЗ Скопје 2 се реализира првиот проект за производство на технолошки продукти за фармацевтската индустрија на „Гересхајмер“ и во првата фаза минатата година ја проширија инвестицијата од првичните 35 милиони евра на 65 милиони евра. Во овој капацитет веќе се вработени 100 лица кои земаат плати далеку над просечните.
Потпретседателот на „Гересхајмер“, Оливер Бургел обраќајки се пред присутните рече дека компанијата има свои капацитети во Европа, Северна и Јужна Америка, Азија во кои вкупно работат околу 10 илјади лица, како и дека остварува приходи од 1,8 милијарди евра годишно.