Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Претставници на сојузната и властите на германските сојузни покраини на состанок во Берлин одлучија да ги заострат мерките за невакцинираните, кои вклучуваат драстични ограничувања на контактите и пристапот до малопродажба како и на културните и спортски настани, а се подготвува и воведување општа обврска за вакцинација против коронавирусот.
„Од одлуките што ги донесовме може да се види дека ситуацијата е многу сериозна“, изјави актуелната канцеларка Ангела Меркел по средбата со претставниците на сојузните покраини, на која присуствуваше и нејзиниот наследник Олаф Шолц.
Меркел додаде дека усвоените мерки мора да придонесат за запирање на четвртиот пандемски бран.
„Досега не успеавме во тоа и затоа сега ги воведуваме овие мерки. Меѓу другото и затоа што за подоцна да не треба да воведуваме уште построги“, рече претседателката на техничката влада. Таа нагласи дека покрај мерките донесени денеска, сојузните покраини, согласно епидемиолошката состојба, може да воведат уште построги мерки.
Сојузните и државните лидери се согласија за следните мерки:
– Ограничување на контактите за невакцинираните лица;
– Влез во продавници, ресторани, музеи и кина ќе биде возможен само за вакцинирани или оздравени лица;
– Можни се дополнителни тестови за невакцинираните во исклучителни ситуации;
Денеска беше одлучено пристапот до малопродажба, со исклучок на продавниците за секојдневни потреби, да се овозможи само за вакцинираните или оние кои го преболеле коронавирусот, а истото важи и за културните и спортски настани. Строгите мерки за ограничување на контактите за невакцинираните лица важат и во приватниот сектор. Доколку меѓу оние што се среќаваат има невакцинирани лица, тогаш е дозволена средба на едно домаќинство со најмногу два члена од друго домаќинство.
Доколку локалната инциденца е повеќе од 350, ова правило важи и за оние кои биле вакцинирани или преболеле коронавирус.
Бројот на посетители на масовните настани треба да биде ограничен на 30 проценти од просторниот капацитет, но не треба да надминува 15.000 на отворено. Во затворен простор, бројот на посетители е ограничен на 5000. Во сојузните покраини со висока инциденца, се препорачува целосна забрана за културни и спортски собири. При инциденца повисока од 350 се затвораат и ноќните клубови и дискотеки.
За дочекот на Новата година за цела држава важи забраната за собири, а во пресрет на празниците ќе биде забранета и продажбата на пиротехника.
„Ќе имаме божиќна блокада за невакцинираните“, рече Меркел по средбата.
Веројатниот наследник на Ангела Меркел, Олаф Шолц, кој следната недела во Бундестагот треба да биде избран за канцелар, рече дека се работи за „напор од национални размери“.
„Покрај тоа се работи и за солидарност“, рече Шолц. Тој нагласи дека ќе се работи и на создавање законски претпоставки за воведување на општа обврска за вакцинација против коронавирусот. Доколку ги помине парламентарните и уставните пречки, обврската би можела да стапи на сила во февруари.
Шолц уште еднаш апелираше до оние граѓани кои се уште не го сториле тоа да се вакцинираат. „Досега се вакцинирани многу граѓани, но сепак не доволно“, рече Шолц.
На одлуката на сојузната и покраинските власти реагираше и Сојузот за малопродажба ХДЕ, кој смета дека забраните за влез на невакцинираните во продавници, и покрај концептите за хигиена и обврската за носење маска и тоа „во најважниот период од годината“, во некои продавници ќе предизвикаат загуби и до 50 посто.
Во Германија, од минатата недела на работно место и во јавниот превоз на сила е правилото 3Г (дозволен е пристап на вакцинираните лица, оние кои го преболеле вирусот или оние кои имаат негативен тест).
Државниот епидемиолошки институт Роберт Кох во четвртокот забележа 73.209 нови инфекции со коронавирус.