Германија вети отворање на фондови на ЕУ за Западен Балкан


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Не ја обвинувајте ЕУ за се што тргнало наопаку, им порача од Берлин шефот на германската дипломатија Габриел на колегите од регионот на Западниот Балкан. Вети отворање на фондовите на ЕУ и помош за инфраструктурата

Зголемување на директната помош за инфраструктурни проекти и пристап на земјите од Западниот Балкан до фондовите на ЕУ, најавува германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел. На конференцијата организирана од Аспен институтот во Берлин, на кој присуствуваа претставници на шесте западнобалкански држави, Габриел цврсто се заложи дека не смее да се дозволи Западниот Балкан да се оттргне од ЕУ.

Нема да има попусти во клучните сектори, особено во однос на владеењето на правото, правосудниот систем, борбата против корупцијата и слободата на медиумите, рече Габриел, но и ЕУ ќе мора повеќе да придонесе за регионот.

Ние ќе мораме да овозможиме повеќе финансиски средства за имплементација за да ги намалиме социјалните тешкотии поврзани со трансформацијата на регионот. Ќе биде во наш најдобар интерес доколку им дозволиме на земјите од Западниот Балкан повеќе да учествуваат во програмите на ЕУ, рече Габриел.

Германскиот министер јасно сигнализираше дека Берлин стои зад идејата за создавање на заеднички пазар  на земјите од регионот која ја предложи европскиот комесар Јоханес Хан. Но, тој вели дека не смее да се застане само на тоа.

Мораме да ги забрзаме големите инфраструктурни проекти кои се економски витални, рече Габриел споменувајќи го во тој контекст автопатот меѓу Србија, Косово и Албанија. За да го финансираме предлагам да одвоиме дополнителни средства за инфраструктурни проекти. Земјите членки на ЕУ, како и ЕФТА (Европската асоцијација за слободна трговија) и Европската економска зона можат да придонесат во финансирањето како донатори, рече Габриел.

Шефот на германската дипломатија се согласува со тезата дека на регионот му се потребни повеќе странски инвестиции, но вели дека за нив најпрво треба да се создадат услови.

Инвеститорите нема да дојдат доколку владеењето на правото не е на потребното ниво. Оттука, тоа значи дека постои сериозен економски аргумент за зајакнување на независните институции: парламентот, правосудниот сектор и заштитата на независноата и слободата на медиумите.

Габриел најави и основање на фонд за едукација на работната сила во регионот преку т. н. двојно стручно усовршување.

Зошто да не основаме фонд за земјите од регионот преку кој ќе се финансира двојното стручно усовршување, за кој потоа земјите ќе можат да аплицираат, рече Габриел во Берлин.