Германија ќе ги признае македонските возачки дозволи


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Македонските возачки дозволи во скоро време ќе бидат признати во Германија, најавуваат од македонската Влада после потпишаната Заедничка декларација меѓу македонското МВР и Сојузното министерство за сообраќај и дигитална инфраструктура на Сојузна Република Германија.

Возачките дозволи ќе им бидат признаени на полнолетни лица со важечка возачка дозвола, издадена од надлежните органи во Македонија и во Германија и кои имаат законски престој на македонска територија (најмалку 180 дена во една календарска година) или на територијата на Германија (најмалку 185 дена во годината ), велат од Владата.

Во моментов, македонските иселеници во Германија може да управуваат со моторно возило само првите 6 месеци, а потоа мора да извадат нова германска возачка дозвола, што ги чини околу 2 илјади евра.

Тие пред повеќе од една година покренаа и он-лајн петиција да се забрза постапката за признавање на возачките во Германија, се собраа над 40 илјади потписи.

Бенефит од ваквиот договор ќе имаат не само иселениците, кои според проценките ги има во бројка околу 100 илјади граѓани, туку и професионалните возачи.

Тие мораа да вадат меѓународна возачка дозвола.

Декларацијата ја поздравија и од МАКАМ-ТРАНС. Од здружението на превозници за Канал 5 велат, дека ова ја отвора можноста и другите држави од ЕУ да пристапат кон признавање на нашите возачки. Најголемата добивка, според нив е отворање на можноста да се запише КОДОТ 95. Што значи дека професионалните возачи поминале обука за професионална компетентност.

Возачките дозволи издадени во Македонија досега се признати во 7 земји и тоа – Шпанија, Италија, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Австрија.