Гери Невил и ноќта на аутот – фудбалската приказна за раѓањето на една легенда


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во саботата се навршија 25 години од дебитантскиот настап на денес фудбалската легенда Гери Невил за големиот Манчестер Јунајтед.

Во овој текст за сајтот на англискиот фудбалски гигант, бившиот капитен на „Црвените ѓаволи“ се потсеќа за ноќта во која ја започнал својата фудбалска кариера.

Деби

Никогаш не сум плачел. Имало многу емоции играјќи за Јунајтед, но никогаш не сум се расплакал, независно дали поради пораз или поради победа. Три пати бев блиску да станам емотивен: Барселона, првиот договор на 14 години, што значеше дека добивам шанса и дебито.

Под деби се мисли на „играње за Јунајтед“. Тоа беше огромен момент за мене. Како да помина многу време оттогаш. Па, и беше одамна. Пред 25 години.

И тоа беше аут. Моето деби за Манчестер Јунајтед беше изведување на аут против Торпедо од Москва. Тоа беше тоа. Не ја ни допрев топката со нога. Не знам дали уште некому му се има случено тоа.

Се сеќавам на сите мали нешта од тој ден. Она што најмногу се истакнува е дека прв пат бев во хотелот пред натпревар за првиот тим. Татко ми ме однесе за време на ручекот во Мидленд хотелот во градот. Тогаш ги делевме собите, така беше до 23 или 24 години. Крис Каспер, исто така, беше таму и ја делевме собата со него. Веќе имавме доста поминато заедно со него во помладите селекции, но кога ја добивме оваа соба, му реков: „Крис, ова е неверојатно. Ние сме во хотел Мидленд“.

Борба за храна

Се симнавме долу на ручек и ја видовме сета таа одлична храна во кантината. Дотогаш се имавме навикнато на храната во „Клиф“. Петок, Тереза која ја водеше кантината, ќе спремеше колбаси, помфрит и грав. Во четврток имаше колач од сирење. Ако А-тимот во петок навечер го имаше на гости тимот Моркамб, Ерик Херисон ќе ве натераше да порачате компирчиња за после натпреварот, тоа беше супер работа. После победа тоа би било посебно добро. Џими Куран, другар на Ерик, кој беше физиотерапевт, масажер и прекрасен лик, сето тоа ќе го спремеше за нас. Сите ќе се караа за тоа кој што нарачал, најмнјогу поради Бати (Ники Бат). Бати (Butty) е еден од оние момци кои нарачуваат „fish and chips“, но ако колбасот со компири изгледаше подобро, ќе речеше дека тоа е негово и секогаш земаше туѓо јадење. Сите знаевме дека Бати е виновен за тоа.

Како што гледате, тогаш немаше нутриционисти во клубот. И одеднаш се најдуваме во Мидленд. Кас и јас, во тој огромен стар хотел во центарот на градот, гледајќи ја сета таа храна. Си мислиш – си успеал. Клинец си, едноставно така мислиш.

После јадењето ќе се вратовме во собата со два големи кревети. Тоа веројатно беше обична соба, но за нас беше како вила. Така си мислевме и се прашувавме „што да правиме сега?“.

Требаше да си легнеме да спиеме. Постарите момци го знаеја тоа. Тоа беше навика и така правеа. Но, ние не можевме да спиеме, имавме 17 години. Немаше шанса за тоа.

Бати и Бекс, исто така, беа таму. Тоа беше 6 месеци после освојувањето на ФА Купот за јуниори и атмосферата беше одлична. Каква и треба да биде. Ние, кои тогаш бевме во А-тимот и денсе се потсетуваме на тие денови. Фудбалот кој го игравме во првата година кога бевме во „Клиф“ беше страшен. Кога сега гледам на тоа, се сеќавам на некои нешта кои ги гледате дури во професионалниот фудбал.

Неверојатен фудбал

Се сеќавам дека „Клиф“ беше полн со луѓе кои дојдоа да не гледаат. Секој можеше да дојде бесплатно и да го гледа натпреварот, па беше полно. Првиот тим, исто така доаѓаше да не гледа, а игравме без Гигс кој веќе беше влезен во првиот тим. Кога понекогаш ќе заиграше со нас, беше уште подобро. Бевме неверојатни, а игравме без напаѓачи. Единствената работа која ни недостигаше. Кога ќе дојдеше Гигс веќе бевме на некое друго ниво. Играчи за врска беа: Бекс, Бати, Сајмон Дејвис, Бен Торнли, Кит Гилеспи… Тогаш уште го немаше ни Сколси.

Беше привилегија да се биде во тој тим. Уште се сеќавам на тие денови, кога го добив „стипендискиот договор“. Моето семејство и јас мислевме дека ќе добијам договор на уште една година, а добив четиригодишен договор: од 14 до 16 години како ученик со ветување дека ќе останам од 16 до 18 години. Полн време. Татко ми ме одведе во школото каде што учев и таму им рече: „Морам да го отпишам од школо“, а кога ми го кажа тоа не можев да си поверувам. Никогаш нема да го заборавам тоа. Тоа беше еден од најпредизвикувачките периоди од мојот живот.

Менаџерот беше комплициран, но пред тоа работевме со Ерик Херисон и Ноби Стајлс, а ти можеби беа и покомплицирани. Не смеете да загубите дуел во младиот тим кога тренер ви е Херисон или Стајлс.

Ерик беше од Јоркшир, веројатно најголемиот работник и највалканиот стопер. Носот го скрши осум пати. Цврст како карпа. А Ноби беше Ноби. Ноби не праќаше на терен со зборовите: „Сетете се на вашите најдобри другари“, мислејќи на костобраните. Тоа беше неговиот начин да ви каже да победите во борбата. Секој натпревар – не ги заборавајте вашите најдобри другари. Ако некој загубеше дуел или беше натскокан, тогаш полудуваше.

Тешка школа

Соблекувалната беше полна со лидери. Неверојатно е како некој клуб довел во своите редови толку многу такви играчи. Тука беа Брус, Пелистер, Инс, Робсон, МекКелер, Шмајхел, Ирвин, Хјуз, а само еден можеше да биде капитен. За една година дојдоа Кантона и Кин. Дури и Гигс беше капитен кога беше малку повозрасен. Дион Даблин, Мајкл Филан, Клејтон Блекмур. Тие беа сјајни со младите играчи. Бевме среќни што минавме низ таа соблекувална, но понекогаш беа груби кон нас. Тоа не беше лесна школа. Тренинзите беа напорни. Многу се очекуваше. Добри додавања, одземање на топката, запирања и уфрлања, бранење од прекини, добивање воздушни дуели. Ова последново особено беше неприфатливо да се загуби. Како и тоа напаѓачот да добие топка и залудно да ја потроши. Тие грешки не беа прифатливи.

Тоа се вовлече во мене уште при првото заминување во Мидленд хотелот, чекајќи да дојде ноќта. Мислите ми лутаа, секако, се чувствував чудно. Знаев дека ќе бидам на клупата, но имав некое претчувство дека ќе влезам во игра. Морав да бидам спремен. Сè мораше да биде на место.

Сето тоа мораше така да биде во мојата кариера. Имаше една чудна работа во сите тие 20 години. Нарачав кинеска храна во четвртокот вечерта и ја понесов на натпреварот. Си мислев: Не направив сè како што треба. Секој друг пат си мислев дека сè е како што треба, добро сум подготвен, јадев правилно, тоа беше клучот. Во тунелот сè си мотав низ глава од ново и се прашував: „Дали направив сè како што треба за да го одиграм добро овој натпревар?“

Во текот на годините развивате некои ритуали, мора да седите на вистинското место во автобусот, или да направите правилно бандажирање. Кога игравме во Кериков, немаа правилни бандажери, не можев да си поверувам на тоа. Имаа ленти стари по 20 години. Мораа да имаат. Тоа беше мојата трака. Ширина D. Не Е или С, туку D. Секогаш сечена на ист начин, со исти ножици. Такви глупости беа дел од мојата кариера.

Седев во тоалетот, во ложата за играчи. После зборовите од менаџерот и ја читав програмата во комплетна тишина цели петнаесетина минути. Спокој. Тоа го правев пред секој натпревар.

Ден пред натпреварот правев цик-цак спринтови. Секој петок. Странци како Роналдо и Тевез ме гледаа како да сум луд. Едноставно, така беше. Таквите нешта се градат со години, така што не беа моја навика и рутина пред мојот прв натпревар.

Но и тогаш, на 17 години, знаев дека сакам масажа во долниот дел од грбот. А воопшто не ни имав проблеми со грбот. Џим МекГрегор, нашиот физиотерапевт, го презираше тоа. „Зошто ти треба ова?“, ми велеше. Не знам, едноставно ми требаше. И мораше да го направи тоа, иако беше лут. Многу лут. Секој натпревар, во текот на 25 години, добивав таква масажа. Едноставно ми требаше тоа. Ме смируваше, многу ретко сум бил нервозен во текот на мојата кариера. Бев малку напнат пред секој натпревар, но никогаш нервозен. Но, 4 натпревари, сепак, беа малку поразлични во тој поглед.

Првиот ФА Куп јуниорски натпревар против Сандерленд. Сепак, помина добро и покрај нервозата.

Првиот голем натпревар за Јунајтед, ФА Куп, полуфинале против Палас на Вила Парк. Претходните полуфиналиња сум ги гледал како момче и тоа беше огромна работа за мене. Играв добро и поминавме добро. Тогаш добив на самодоверба. Заслужив да бидам таму.

Деби натпреварот за репрезентацијата на Англија, после само 17 настапи за Манчестер Јунајтед.

И секако, дебито за Манчестер Јунајтед.

Немој да се вообразуваш

Се сеќавам на загревањето пред натпреварот. Прв пат бев пред толку многу луѓе на Олд Трафорд. Имаше околу 20.000 публика, но сеедно изгледаше како многу.

Пет минути пред крајот на натпреварот шефот ми кажа повторно да се загреам. Мислев дека времето измина, дека нема да влезам. Но, се излагав. „Влегуваш“. И тогаш ми пукнаа нервите. Кога ќе го чуеш тоа, влегуваш во некоја заштитничка фаза. Прв натпревар, одбранбен менталитет, не мислиш дека ќе влезеш, дека ќе дадеш гол и ќе бидеш херој. Не оди тоа така. Мислиш само да не оплескаш нешто. Тоа е тоа.

Како дефанзивец, во тоа време, ако добро додаваш и не направиш некое срање во одбранта, тогаш тоа е добро одигран натпревар за тебе. Денес треба да имаш 10 асистенции и 3 гола во сезона за да те сметаат за добар одбранбен играч. Но тогаш, твоја работа беше да подадеш топката напред или кај играчите за врска и да не згрешиш во одбраната. Тоа беше мојата работа. Организирај, комуницирај. Едноставни работи. Мислиш како кога ќе ја допреш топката тоа да биде добро додавање. Не го напуштај својот играч. Не дозволувај да те помине. Не прави прекршок за пенал. Без глупи потези. Само немој да ја посереш работата.

Влегов на местото од Ли Мартин и играв зад Андреј Канчелскис. Не беше проблем да се биде зад него. Тој беше одличен. Во првите 20-тина натпревари научив дека Андреј е толку добар што повеќето екипи левото крило го враќаа на местото лев бек. Тоа ми ја олеснуваше работата. Многу пати играв против непостоечко лево крило, бидјеќи тој играч го префрлаа на позиција како втор лев бек против Андреј.

Бекс беше пред мене после тоа, па требаше да ги запрат неговите длабоки нафрлувања. Левото крило повторно остнауваше длабоко. Тогаш стигна Роналдо и повторни на противниците им требаа два леви бека. Не е чудно што играв повеќе од 20 години. Но, морам да речам дека никој од тие тројца не сакаше да се враќа назад, па јас ја бркав и нивната работа.

На моето деби немаше време за тоа. Моето деби беше уфрлање од страна. И така, добивам аут во последната минута. Можев да фрлам далеку, кога бев помлад фрлав уште подалеку. Можев да дофрлам до шеснаесетникот, дури и на широкиот Олд Трафорд.

Уфрлам во просторот, но ништо.

Влегувам во соблекувалната и менаџерот полудува викајќи по Гери Пелистер. „Дали некогаш си ги гледал клинците? Жив срам си! Гледај ги нивните натпревари и ќе знаеш дека малиот може далеку да дофрли. Во последната минута против Торпедо е 0:0, а ти си на центарот!“, му викаше.

Малку ми беше срам, но бев среќен. И да умрев следниот ден, имав играно за Манчестер Јунајтед. Тоа беше мојот сон уште од времето кога имав 4 и пол години.

Совет за спиењето

Се сеќавам дека го видов татко ми после натпреварот и беше горд. Ме одведе дома и не можев да спијам. Адреналинот ме пукаше. И понатаму ја делев собата со клинецот. Разговорот со него требаше да ме успие. Требаше да кажам: „Фил, каков беше оној аут?“. Тоа би успеало.

Првите десет години од кариерата не можев да спијам после вечерните натпревари. Немаше шанса за тоа. Можеби можете да спиете од 3 наутро до 6 и пол, кога ќе си дојдете од натпревар. Но, јас не сум таков. Мислам дека тоа не е нормално. Во градот се доселив на 26-27 години. Тогаш со Гигс ќе појдевме на едно-две пива после вечерните натпревари. Две пива беа дозволени.

„Ве смирува. Полесно спиете“, велеше Гигс. И беше во право.

Две шишиња. Ќе свратевме до Шугар Лаунџ на две пива после натпреварот, па потоа одевме Динсгејт и после тоа полесно се спиеше. Ми требаа десет години за да го сфатам тоа.

После дебитирањето не бев доволно мудар, само лежев и си ја вртев цела приказна низ галвата. Сонот се оствари. Четири дена подоцна, во саботата наутро, играв против Честер за А-тимот. Менаџерот беше експерт за мотивација, но брзо успеваше да ве спушти на земја. Една недела после моето деби, Бекс дебитираше против Брајтон. Јас не бев во тимот и бев малку нервозен бидејќи не знаев зошто е тоа така. Младите момци често беа внатре-надвор од тимот. Мислам дека тоа е голем тест.

Мотото на Ерик

Исто беше со Ерик Херисон во академијата. „Биди цврст“ беше неговото мото. Не сум те ставил во игра, па што? Тој не беше тука минатата недела, па не рече ништо. Прифати го тоа, биди цврст. Ноби беше ист таков. Тие знае што и како треба. Кидо би ве храбрел, но и тој не претеруваше, знаеше колку е доволно за да се чувствуваш добро.

Од Ерик и Алекс Фергусон ви е потребна една реченица. „Браво синко“ – и си мислиш: Сигурно добро сум го направил тоа. Кога менаџерот ќе ве пофали, тоа ви дава посебно чувство. Но знаете дека може и да збесне поради вас. Сум видел како полуде на Пелистер после натпреварот со Торпедо. Но, тоа не е ништо после вториот натпревар со него.

Тогаш добивавме по 29,5 фунти плус 10 за трошоци, неделно. Сите добивавме по толку. Бекс и Бати беа на клупата. 2.000 фунти беше бонусот ако се пласираме понатаму и сте ги играле двата натпревари. Ако сте играле само на еден, тогаш добивавте 1.500 фунти. Добивавте по 1.000 ако само сте биле во тимот.

Тогаш патувавме до Москва и сите бевме на клупа. Повторно 0:0. Пенали. Меѓу нас беа 3.500 фунти кои зависеа од овие пенали. За мене 1.500, за нив по 1.000. Тоа е плата за 40 недели.

Буквално можевме да си купиме автомобили при враќањето во Манчестер. Поведовме со 2:0 откако Торпедо ги промаши првите два пенали. Но, на крајот загубивме. Бруси, Чоки и Пели промашија од белата точка. Најлошите пенали кои сум ги гледал некогаш.

Подоцна, во соблекувалната, ние тројца плачевме бидејќи загубивме 3.500 фунти од Торпедо. Јас изгубив Peugeot GTI, а мислам дека Бекс си порача Maserati. Брус, Чоки и Пели и денес нам ни ги должат тие автомобили.

Еден куп манијаци

Шефот дојде кај нас и тоа беше Трета светска војна. Ги грабна нив тројца и почна кавгата околу пеналите. Дојде на ред и Робо и уште неколкумина други и им се придружија. Шефот не се смируваше и во тој момент кавгата можеше да тргне наопаку поради односот кој го имаше со нив. Да почнеше некој да мава, сите ќе бевме во неволја. Тоа беа манијаци. Следните неколку сезони таква сцена видов уште неколку пати. 2:0 против Блекбурн, кога Ширер даде два гола, против Ливерпул кога ја прокоцкавме предноста од 3 гола. Барселона на гости после поразот од 4:0.

Го гледате тоа и си мислите: „Па овие се еден куп манијаци. Зошто сме ние овде?“. Додуша, сето тоа беше дел од приказната.

Беше нереално. Дури би рекол дека тоа всушност не се случи реално. Мислам дека играњето за Јунајтед не е реално. Излегувате од тунелот и додека стоите станувате нешто друго. Тоа не е нормално чувство. Кога се пензионирате, играчите не можат повторно да дојдат до тоа чувство. Не знаат што е. Тоа е адреналин, некое чувство, нешто што влегува во вашето тело и си мислите: Ова. Ова е…невројатно!“

Никогаш не можете да го заборавите кога ќе го почувствувате за прв пат.

Извор: Спортски.мк