„Газпром“ пресече – еве низ кои земји ќе врви „Турски тек“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Руски „Газпром“ пресече дека трасата на гасоводот „Турски тек“ ќе врви низ Бугарија, Србија, Унгарија и Словачка.

Исто така, почнаа сите подготвителни процедури во тие земји, објави рускиот весник „Комерсант“. Првата испорака на гас во Бугарија и во Србија ќе почне во 2020 година, до Унгарија рускиот гас ќе стигне една година подоцна, што ќе ѝ овозможи на руската компанија до 2022 година во целост да ја запре испораката на гас преку Украина, пренесува Макфакс.

„Комерсант“ укажува дека ова е „Јужен тек“, кој Европската Унија го запре уште во 2014 година под притисок на САД. Како што оценува весникот, овој пат ќе биде драстично покомплицирано да се влијае на тоа проектот да запре затоа што „Газпром“ во целост ги почитува законите на ЕУ.

Иако во план е и Грција да се приклучи на овој гасовод, како што оценува „Комерсант“, сè уште не е јасно како ќе се реализира тоа.

Се претпоставува дека Грција ќе се спои на тој крак преку Бугарија или ќе го замени азербејџанскиот гас со руски кога ќе заврши изградбата на гасоводот ТАП, што исто така е планирано за 2020 година, пренесува „Спутник“.