Freedom House: Македонија со напредок во демократијата, но сепак со ниски оценки


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Според најновиот извештај на Freedom House – „Држави во транзиција 2018“ – Македонија бележи напредок во две области – национално демократско владеење и независност на медиуми.

Сепак, авторот на извештајот за Македонија Јован Близнаковски, вели дека и во двата случаи станува збор за многу ниски оценки.

„За национално демократско владеење имаме оценка 4.75, а за медиуми оценка 5, што сепак се многу ниски, за да можеме да кажеме дека Македонија направи значаен исчекор во 2017-та година за подобрување на демократските стандарди“, изјави Близнаковски за Гласот на Америка.

Според него, влијание врз ваквиот резултат има ситуацијата од претходната година, кога државата стагнираше се` до настаните на 27-ми април.

„Стануваше збор за ситуација кога пола од годината беше практично изгубена од аспект на демократскиот развој. Во втората половина видовме сигнали на развој, кои не се финални, за да можеме да бидеме задоволни од ваквиот напредок што го бележи овој извштај“, рече тој.

Близнаковски смета дека 2018-та година ќе биде важна за да се извлече заклучок во кој правец ќе се движи државата.

Според забелешките во најновиот извештај, променетата политичка клима, која ја потврдуваат локалните избори во октомври, отвора можности за новата Влада да ги исполни ветените реформи.

„Оттаму, 2018 најверојатно ќе биде тест за заложбите на ДУИ и на СДСМ за реформскиот процес. ВМРО-ДПМНЕ, која годината ја заврши со бојкот на Парламентот, ќе има одлучувачко влијание врз реформскиот процес“, се вели во извештајот.

Нормализирање на работата на Параментот, со целосна вклученост на власта и опозициските партии, ќе биде клучно прашање во текот на 2018-та, забележува „Фридом хаус“.

Извештајот нотира и дека меѓуетничката тензија околу Законот за јазиците може, исто така, да биде предизвик во текот на годината, што ќе се одрази врз веќе нарушените меѓуетнички односи.

Во него се нагласува дека македонскиот напредок во борбата против корупцијата, и расчистување на сканадалот со прислушувањето, ќе зависи од тоа дали судскиот сектор ќе може да продолжи кон независно и непартиско функционирање.

Истовремено, обновените преговори со Грција за решавање на спорот за името, ќе бидат во центарот на јавното внимание, а резултат ќе биде клучен за патот на државата кон Европската унија и НАТО, се вели во извештајот.

Извор: Глас на Америка