Француските власти стравуваат од државен удар – 89.000 полицајци ангажирани за во сабота


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Владата на Франција стравува дека движењето „Жолти елеци“ ќе се обиде да изврши државен удар со утрешниот голем протест против владините даночни мерки, јавуваат француските медиуми.

Грижа во Елисејската палата создава намерата на демонстрантите да тргнат кон претседателската палата за време на демонстрациите закажани за сабота.

Францускиот премиер Едуар Филип кажа дека 89.000 припадници на безбедносните сили ќе бидат распоредени низ земјата во сабота, за кога се најавени нови протести на „Жолтите елеци“.

Специјалните служби ги предупредиле властите на заканите со смрт и повиците на „Жолтите елеци“ за земање оружје во раце.

„Тоа се пучисти. Тоа е обид за пуч“, изјавил за Фигаро извор од француската влада.

Според информациите на весникот, вработени во одредени министерства добиле наредба да не се појавуваат на работните места за време на викендот.

Иако француските власти соопштија дека се отфрла планот за зголемување на данокот на горива, движењето продолжува да протестира. Како што пренесуваат француските медиуми, на Фејсбук веќе се пријавиле околу 6.000 луѓе за протестите во сабота.

Од 89.000 припадници на безбедносните сили, 8.000 ќе бидат распоредени во Париз, како и оклопни возила, пренесува Ројтерс.

„Се соочуваме со луѓе кои не се тука за да протестираат, туку за да кршат и сакаме да се опремиме со средства кои ќе ги спречат да лудуваат“, изјави францускиот премиер.

Според него, ќе бидат употребени десетина оклопни возила кои ѝ припаѓаат на жандармеријата, што ќе биде првпат по 2005 година кога избија немири во париските предградија.

Францускиот премиер Филип претходно денес изјави дека е отворен за нови мерки во корист на работниците со најниски плати. Во своето обраќање до пратениците, Филип истакна дека безбедносните сили за време на протестите минатата сабота „ја бранеа Републиката“ и дека се „олицетворение на Републиката“, а дека биле жртви на „неверојатно гневно насилство чија цел била да се нападне, повреди, па дури и убие“, пренесуваат француските медиуми.