Францускиот предлог за Македонија вели: Прво бугарското малцинство во Уставот, па потоа почеток на преговорите со ЕУ


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Еден од документите од интегралната, оригинална верзија на францускиот предлог денеска објавен од македонската Влада, ги вклучува заклучоците на Советот кои се состојат од седум точки. Најголем број од точките се однесуваат на важноста за имплементација на Договорите со Грција и Бугарија, како и за вметување на Бугарите во Уставот.

Она што може да се заклучи од овој документ е дека прво ќе се одржи една меѓувладина конференција со која ќе започне отворањето на преговорите, но тоа нема да биде комплетирано се додека не бидат Бугарите внесени во Уставот.

Отворањето на преговорите ќе се комплетира на втора меѓувладина конференција која ќе се свика откако Бугарите ќе бидат внесени во македонскиот Устав.

Во заклучоците стои дека на патот на Северна Македонија кон членство во Европската Унија, Советот потсетува на важноста од постигнување опипливи резултати и спроведување со добра волја билатерални договори, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

-Тоа ќе овозможи и зајакнување на еднаквите права на припадниците на малцинствата и заедниците во Северна Македонија и како такви ќе придонесат за усогласување со политичките критериуми од Копенхаген. Советот во овој поглед ја поздравува намерата на Северна Македонија да започне и приоритетно да ги спроведе уставните измени, со цел во Уставот да се вклучат и граѓаните кои живеат во границите на државата и кои се дел од други луѓе, како Бугарите, стои во заклучоците.

Во завиена форма и со дипломатски речник во шестата точка се кажува дека комплетирањето на првата фаза од отворањето на преговорите со ЕУ ќе се направи откако Македонија ќе ги внесе Бугарите во Уставот.

-Со цел да се заврши оваа фаза на отворање на пристапните преговори, одлучува и Советот да свика уште една меѓувладина конференција со цел да се презентира Преговарачка рамка и состојба на подготвителните работи од страна на Комисијата и е подготвен да го одржи без понатамошни одложувања ниту дополнителни политички одлуки, штом Северна Македонија ќе ја спроведе својата заложба да ги заврши гореспоменатите уставни измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури, стои во заклучоците.