Францускиот предлог денеска ќе го разгледува македонскиот Совет за безбедност, средба за истиот ќе имаат Ковачевски и Мицкоски


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Македонскиот претседател Стево Пендаровски за денеска напладне во неговиот кабинет свика состанок на Советот за безбедност на кој ќе се разгледува модифицираниот предлог на француското претседателство со ЕУ за почеток на пристапните преговори на Република Македонија со Европската Унија.

На седницата, покрај членовите на Советот за безбедност, ќе присуствува и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.

По завршувањето на седницата на Советот за безбедност, предвидено е изјава да даде претседателот Стево Пендаровски, соопшти прес-служабата на шефот на државата.

Францускиот предлог е причина и за средбата на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Средбата е најавена за 15 часот во Клубот на пратениците.

По добивањето на предлогот, премиерот Ковачевски најави широки консултации со коалициските партнери, со претседателот на државата, со парламентот, со граѓанскиот сектор, како и со опозицијата.

„Оваа средба е дел од низата планирани консултативни средби со лидерите на опозицијата, како дел од широката консултација за предлогот на француското претседателство… Премиерот Ковачевски најави дека секоја одлука за предлогот ќе се носи низ дијалог и консултации во интерес на иднината на сите граѓани на Република Македонија“, соопшти синоќа Владата.

Мицкоски вчера учествуваше на протестот против францускиот предлог пред Влада, за кој кажа дека е надпартиски, а кој го поддржаа ВМРО-ДПМНЕ и Левица.

Од владејачкиот СДСМ реагираа дека протест за кое било прашање е уставно гарантирано право, но посочија дека процесот на широки консултации сè уште е во тек со сите политички и општествени чинители.

Протест е најавен и за денеска во 19 часот пред Влада.