Фраеров од Израел со ова бесно точаче ја „ровари“ и запознава Македонија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Триесет и четиригодишниот Хилел Ефлал од Израел ги запознава убавините на Македонија и Балканот возејќи автентичен велосипед.

Турнејата на младиот уметник, сликар по професија, започнала пред три дена од Истанбул, преку соседна Бугарија, а веќе втор ден престојува во нашата земја.

„Јас сум слободен уметник и жител на светот, во вистинска смисла на зборот. Израелец сум, живеев одреден период во Америка, сега решив да ја запознавам Европа или конкретно Балканскиот Полуостров, а во вашата држава, Македонија за која многу сум слушал и читал, ќе престојувам две-три седмици. Ова е еден специфичен начин да го минам летниот одмор. Од Бугарија доаѓам преку Крива Паланка, прекрасно гратче кое ме воодушеви со природата и срдечноста на луѓето. Оттука преку Куманово ќе отседнам во Скопје, чиишто знаменитости мора да ги посетам“, изјави Ефлал.

По посетата на Скопје, турнејата ќе ја продолжи во Охрид, на велосипед, каде покрај запознавање на градот, ќе слика во ентериерот на некој хотел. Рече, воопшто не му е тешко да вози на специфичниот велосипед кој е негов изум.

„Сакам да патувам и да запознавам нови места и луѓе. Правењето велосипеди е една од моите пасии. Долго време работев во работилница за велосипеди, па креирав токму ваков необичен велосипед. Ги купувам деловите и ги составувам, Досега сум изработил десетина, главно за мои блиски пријатели. Лесен е за управување, а се расклопува и може да се транспортира и во авион“, рече Ефлал.

Покрај Охрид, по препорака на пријатели ќе ја посети и Струга, а како што рече, пораката на неговите авантуристички активности е да се живее животот со полн ритам. Турнејата низ Балканот ќе ја продолжи по неколкунеделен престој во Македонија, а негова крајна дестинација е Берлин, Германија.