Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Љубителите на каталонскиот тим со гордост го потенцираат слоганот ’Мes que un club’, а од она што го видовме можеме да заклучиме дека Барселона е повеќе од град!
Дел од редакцијата која веќе со години е заслужна што успешно функционираат порталите Таратур и Спортски.мк деновиве беше во посета на Барселона, каде го следевме дуелот од ЛШ меѓу каталонскиот гигант и Рома. Импресиите се неверојатни, градот дефинитивно го оправдува епитетот најубавиот во Европа. Медитеранот, климата и морето, заедно со неверојатниот спој на култури, сето тоа подредено од генијот на Гауди на главниот град на Каталонија му дава посебна магија која ќе ве опседне за момент.
Имавме само 4 дена да го разгледаме градот, но благодарение на симбиозата што се јави меѓу екипата појдена таму, успеавме да пречекориме над 100 км во самиот град и со тоа да посетиме голем дел од работите што ги нуди каталонската престолнина.
Бевме сместени во Готик квартот, кој се наоѓа во стариот дел, односно строгиот центар на градот, покрај славната улица/шеталиште Ла Рамбла, која оди до споменикот на Колумбо покрај брегот на Средоземното море.
А, таму бевме директни сведоци на јин-јангот на Барселона, крајностите што се дел од секој велеград. Не пречека првичен шок, низ тесните улички во ’Готикот’ чии градби во најголем дел се од средниот век, сосема директно ни понудија од сите ’беззаконија’, а притоа бевме сведоци и на полициско расчистување на една гужва што се случи буквално пред нас.
Интересно беше и како едни покрај други поминуваат, стојат и пијат пијачка пред некој локал, или во уличките,сосема ’рафинирани’ убаво облечени момци и девојки, а до нив бездомници, дилери, проститутки и бандити воглавно од посиромашните краеви на планетава.
Но, кога го пречекавме првото утро, доживеавме сосема поразлична слика – како сето тоа што сме го виделе вечерта да била едно општа фатаморгана, како во филмовите на Дејвид Линч. Паралелниот свет, утрото изгледаше како претходната ноќ сите да ја доживеале небаре се Мечето Ушко в кревет.
Деновите ги организиравме максимално за да видиме што може повеќе. Првото препладне го резервиравме за посета на Камп Ноу, а таму и оние што не се фанови на Барселона (ги имаше и такви) беа напросто импресионирани од тоа како каталонскиот гигант беспрекорно ги покажува сите свои гордости.
Потоа до денот на натпреварот, успеавме да ги видиме сите позначајни знаменитости на градот, Саграда Фамилиа, зградата која ја започнал Гауди во 1882 година, а се гради до денес и се планира да се заврши во 2028 година.
Потоа бевме на Монжуик, каде што се наоѓа и Националната палата, но за наша жал не ги начекавме активни неверојатните фонтани кои го красат тој дел.
Уживавме во топлото сонце на убавите плажи на Барселонета каде не магепса прекрасната клима која и во тие постудени ноемвриски денови беше повеќе од пријатна, а големите облакодери кои ја китеа позадината од бизнис дистриктот на градот само даваа шлаг на раскошната ’торта’ која Барселона им ја нуди на милионските туристи ширум целиот свет.
Го видовме и замокот на Трите змејови и Арк де триумф (Триумфалната порта) изградени во 1888 година за време на Светскиот саем кој таа година се одржал во Барселона.
Каде и да шетавме, просто бевме импресионирани од градбите, и од тоа како сето е сложено. Интересно е дека во градот не постојат два исти објекти, бидејќи според закон секоја градба треба да биде оригинална. Покрај тоа, целиот град е уреден како коцки чоколадо, па се забележува дека на повеќето раскрсници не постои остар агол на зградите, туку тие се заоблени.
Храната и пијалоците во Барселона се поскапи од кај нас, но сепак достапни. Цените на храната во маркетите како Керфур е слична како во нашите големи маркети, додека во рестораните за брза храна цените се движат како во Грција и другите туристички места од опкружувањето. Кафе во елитен локал или покрај плажа чини од 1.5 до 2 евра, додека во останатите места може да се најде за 1 евро.
Брзата храна чини од 3 до 7 евра, додека порција морска храна покрај брегот од 12 евра нагоре.
Претпоследниот ден од нашиот престој таму го резервиравме за посета на прекрасниот парк Гуељ (уште едно ремек дело на Гауди, од каде што се гледа целиот град како на дланка), со неверојатни градби како од бајките и прекрасна флора во која слободно живеат и папагали и други егзотични птици, додека попладнето максимално се подготвивме за натпреварот.
Пред стадионот беа забележливи дополнителните мерки за обезбедување, поради терористичките напади во Париз. Мечот сам по себе беше магичен – Меси, Нејмар и Суарез пружија фантастично шоу кое ни донесе максимално уживање. Голеада со вкупно седум голови (6:1) и моменти кои во живо благодарение на атмосферата на стадионот уште повеќе се врежуваат во меморијата.
По натпреварот огромен кордон од специјалци и блиндирани возила ги испрати гостинските навивачи, а и ние се упативме накратко да преспиеме бидејќи имавме авион во раните утрински часови.
Се на се, велелепно искуство – градот, натпреварот, како и добрата екипа која бевме таму и која со мајтап и одлично расположение ги помина овие денови остави аманет да го повториме искуството. А и вие, драги читатели, ако не сте биле, сега е прилично достапно да го направите тоа. Палете авионот и директ на Ел Прат!
Пишува: Костадин Стојаноски