„Фокус“ открива нова афера поврзана со Ден Дончев – „лапнал“ 50.000 евра, а не смеел на тој начин


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


За време на неговото директорување со Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев наплатил околу 50.000 евра (над 3 милиони денари), на основ плати, од компанија чија основна дејност интернет портали „Ремаркет“. Истата се финансирала исклучиво од австралиската фирма „Мегантик“, пренесува Фокус, повикувајќи се на истражни информации на Управата за финансиско разузнавање, отворена на барање на Обвинителството за организиран криминал.

Ден Дончев уверува дека средствата што ги добил за консултантски услуги биле целосно законски, посочувајќи дека уредно ги пријавил во Управата за јавни приходи и за нив платил соодветен данок. Но, законот вели дека тој, како јавен функционер, не смеел да врши консултантски услуги и да остварува приходи по тој основ. Според член 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности. Ставот 6 од овој член предвидува дека службено лице може да остварува приходи од научни, наставни, културни, уметнички и спортски активности и приходи од авторски, патентни и слични права, интелектуална и индустриска сопственос, но не се спомнуваат консултантски услуги.

Неделникот „Фокус“ ги потврдил сознанијата дека Управата за финансиско разузнавање го известила надлежниот јавен обвинител Наум Пановски, заменик на Вилма Рускоска, дека Дончев лани, во период од 6 месеци, примил околу 50.000 евра од приватната компанија „Ремаркет“. Притоа, Управата утврдила дека сите приливи кон оваа компанија доаѓаат од австралиската фирма „Мегантик“, додека најголем дел од одливите кон физички лица биле трансакции кон Дончев. Воедно, Управата го информирала обвинителството дека Дончев на две свои сметки уплатил 8.000 евра и 740.000 денари во готово, кои потоа биле трошени со картичка.

Проверките во Централниот регистар покажуваат дека компанијата „Ремаркет“ е основана во 2012 година со седиште во струмичко Муртино, од каде што потекнува и Ден Дончев. Веројатно поради ова, уште по најавата на сторијата на „Фокус“, на социјалните мрежи новата афера во која е замешан Дончев е наречена „Муртиногејт“. Инаку, до лани, називот на компанијата гласел „Мегантик“, исто како и австралискиот правен субјект, од каде биле реализирани сите приливи на средства кон македонската фирма.

Во одговорите доставени до „Фокус“, од компанијата велат дека трансакциите од австралиската кон македонската компанија се префрлуваат за кирија, плати и други оперативни трошоци. Така, финансиските извештаи што ги извадил „Фокус“ покажуваат дека фирмата од година во година постојано ги зголемува приходите, но и бројот на вработени. Македонската компанија „Мегантик“, неодамна преименувана „Ремаркет“, во 2013 година, или првата заокружена година после формирањето, остварила приходи од 3,5 милиони денари и минимална добивка од само 400.000 денари. За споредба, компанијата заклучно со ланската 2019 година остварила приходи од 25,5 милиони денари, додека добивката изнесувала околу 1 милион денари. Ако на почетокот компанијата имала неколку вработени, нивниот број се повеќе се зголемувал, за сега да надминува 50 лица.

Од „Мегантик“ односно од „Ремаркет“, велат дека Дончев давал консултантски услуги во периодот од 2013 до 2018 година за австралиската компанија, меѓутоа за испорачаните услуги во 2018 година одлучиле да му исплатат околу 50.000 евра преку македонската компанија, од проста причина што тој во тоа време бил во Македонија.

Антикорупциската комисија најавува дека ќе отвори постапка за овие исплати. Ако нивните проверки ги потврдат информациите, антикорупционерите ќе отворат предмет за веродостојноста на анкетниот лист, со оглед дека овие приходи не се пријавени во имотното досие на Ден Дончев, иако претставуваат приход надвор од основната плата. Откако ќе заврши оваа постапка со евентуална прекршочна санкција, тогаш од таму не исклучуваат и поведување на постапка за испитување на имотна состојба, во која вообичаено се вклучува и Управата за финансиска полиција. Додека антикорупционерите веќе најавуваат соодветна постапка за вршење на забранета дејност и непријавување на приходи, од Обвинителството сѐ уште не повикале ниту едно од споменатите лица да дадат исказ во однос на трансакциите нотирани од финансиското разузнавање.