Advertisements
Музика

Fish In Oil – „Sve Će Biti U Najboljem Redu“: Од опуштеност на залезно јавање до филмско автопатно возење

Токму такви визуелни претстави на имагинацијата и емоционални проекции врз духовните сензори предизвикуваат музичките варијации и аплитудни турбулренции на одличниот белградски музички состав Fish In Oil со нивниот албум „Sve Će Biti U Najboljem Redu“. И сиот наплив на емоции помеѓу овие два типолошки филмски кадри кои овој албум ги во регистарот на визуелизации на човечката креативност, може да се каже дека е комплексно поедноставена музичка комбинација на расположенија кои одразуваат една генерална надворешна опстојба на модерниот ентитет, достојни да се доживеат.

Баш како на филм. Поточно, секоја нивна композиција од албумот може да се поистовети со засебен филмски кадар со автентичен визуелно-емотивен сензибилитет.

Од чувство како да сте дел од сцена од некој каубојски кадар кој прикажува осамен јавач што летаргично и ноншалантно се упатува кон заоѓачката сончева појава, до тоа како да се возите во некој „олд-тајмер“ на автопат среде некоја недогледна рамница исполнета со пустинска тишина – ќе ве „завозат“ воведните три песни („Poseban slučaj“, „Sve će biti u najboljem redu“ и „Petak“) пренесувајќи ве во сфери на автентично, хронотописки дефинирано засебно доживување кое во целост духовно „ве движи“ во моментот на слушање.

И откако ќе се исполните со музичка емоција и енергија од „Bela česma“, скитањето на слушачката настројба продолжува во игриви ритми на „тангување“ со самиот себе, со реалноста, со отсутноста од истата, со невдоменоста во современоста, во една истовременост на осаменост на мислите и мелодична реастрепереност на чувствата. Особено понесува саксофонската продорна, а сепак одмерена енергија преточена во „зарипнати“ звуци кои понесуваат несвесно да се нишате во нивниот ритам.

Можеби еден од најпарадигматичните обиди за музичка импресија и претстава на еден културолошки (нам современ) феномен е токму „Hipsterluk“. Оваа композиција може да се третира и како своевидна поимна музичка дефиниција за содржинската недофатливост на тој конфузен модерен животен стил и начин на општествено-културолошка егзистенција.

„Филингот“ потоа продолжува во релаксираната атмосфера во која ве воведува „Poslednji ples“, за настројбата повторно да биде раздвижена и „крената“ од „Proleterska solidarnost“ – кои во амбиентален контекст, одат како некој симпатичен противречен и, истовремено, надополнувачки музички пар.

Одјавните „Lisabon“ и „Noćna haljina“ го враќаат „филмот“ во почетна состојба на, условно речено, типологизиран кадар на движење на емоциите со „поглед до недоглед“.

Со тоа е постигната една топла, исполнувачка, пулсирачка и благородна емотивна заокруженост на ова албумско издание на Fish In Oil. Емотивна заокруженост која одлучно освојува со карактер, со неприкосновен музички израз, беспрекорни соло делници, комплетност и надоградувачка инструментална симбиоза. Кратко кажано – одличен албум кој срдечно ви препорачуваме „да ве вози на repeat“.

Александар Еленин

Advertisements

Најпопуларно

To Top