Финансиски земјотрес во Естонија – скандал тежок 1,1 трилиони евра


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Во финансискиот скандал со перење пари во кој се вмешани естонските банки и кој ја тресе Естонија периодов испрани се над 1,1 трилиони евра.

Естонија ја тресе аферата откако беше откриено дека во членката на Европската Унија со 1,3 милиони жители се переле пари од Русија, Молдавија и Азербејџан преку нерезидентни банкарски сметки.

Податоците за прекуграничните сметки, кои прв ги објави Блумберг, зборуваат дека операцијата на перење пари преку малата балтичка земја во која била вмешана естонската подружница на данската Данске банка е далеку поголема отколку што се мислело.

Според централната банка на Естонија, вкупните прекугранични трансакции изнесувале 1,1 трилиони евра, а тоа ги опфаќа сите плаќања, и резидентни и нерезидентни трансакции.

Централната банка не соопшти дали некои од тие плаќања ги смета за сомнителни.

„Тоа кажува дека Данске банка не е осамена и дека проблемот се однесува и на други банки“, изјави експертот за перење пари Јакоб Деденрот Бернхофт кој живее во Копенхаген.

Во Естонија работат и шведските банки СЕБ и Сведбанк, а двете бележат пад во прометот за 3,3 односно 5,8 отсто.

Податоците за можните нивоа на перење пари преку Естонија постепено се разоткриваа во последните неколку месеци. Во мај податоците на естонската финансиска разузнавачка служба покажаа дека над 13 милијарди евра биле испрани низ банките во таа земја од 2012 до 2016, од што најмалку 7,3 милијарди преку нерезидентни сметки.

Минатиот месец Данске банка од Данска во интерен извештај објави дека плаќања во вкупна вредност од 200 милијарди евра, од кои голем дел се означени како „сомнителни“, биле извршени преку нејзината естонска подружница меѓу 2007 и 2015 година.

Поради скандалот извршниот директор на Данске банка поднесе оставка на 19 септември бидејќи истрагата која ја нарачала банката открила пропусти во претходниот надзор и почитувањето на правилата во Естонија.