Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Краткометражниот игран филм „Роденден“ на младата филмска режисерка Косара Митиќ ќе учествува во официјалната конкуренција на 12. издание на Интернационалниот филмски фестивал за краток филм во Будимпешта, Унгарија. Македонската премиера на филмот ќе се одржи на 37. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.
Фестивалот за краток филм во Будимпешта се одвива во периодот од 30 август до 4 септември, а краткометражниот филм „Роденден“ на Косара Митиќ премиерно ќе биде прикажан на 31 август, што воедно ќе биде негова интернационална премиера. Една од главните цели на фестивалот е да го развијат, презентираат и промовираат културниот идентитет на Источно-европскиот аудио-визуелен сектор, овозможувајќи му да претстави повеќе експерти на пазарот.
Веднаш по интернационалната премиера, ќе следува и македонската премира на филмот во рамките на претстојниот 37. Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, во програмата Мак Поинт.
Филмот „Роденден“ е филм за група тинејџери кои на еден бизарен начин го прославуваат полнолетството на нивниот другар, нудејќи му предлог кој нема да може да го одбие. Актерската екипа ја сочинуваат Никола Колев, Дениз Абдула, Александар Михајловски, Силвија Стојановска, Милица Стојанова, Ана Костовска, Сара Климовска и Емил Костовски.
Покрај режијата на филмот, Косара Митиќ се потпишува и како сценаристка на ова остварување. Директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер е Владимир Павловски, дизајнот на звук е дело на Игор Поповски, композитор е Игор Василев – Новоградска, сценограф е Кирил Спасески, костимограф е Емилија И. Атанасовска, шминкер е Симона Ристевска. Продукцијата на филмот е на „Сектор Филм“.
Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, известија од „Сектор Филм“.