Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Првиот човек на македонското здравство, министерот Венко Филипче, тврди дека воведувањето на мерката за укинување на квотите за лекови резултираше со добри резултати, многу позадоволни пациенти и подобрена здравствена заштита за граѓаните.
Вели дека и од самите аптеки фармацевтите укажуваат дека нема повеќе гужви, турканици, паника кај пациентите.
Во кој било ден од месецот, пациентите доаѓаат до потребниот лек со рецепт и тоа навистина се чувствува, изјави министерот за здравство Венко Филипче при денешната посета на аптеки во Скопје.
Тој потсети дека проектот почна како пилот проект за време на летните месеци во туристичките места во Охрид, Струга, Дојран, Ресен и Гевгелија. Мерката покажа одлични резултати и пациентите во тие региони и градови се задоволни, соопштија од Министерството за здравство.
„Со имплементирање на оваа мерка, имаме задоволни пациенти и граѓани на територијата на цела држава. Мерка која одамна требаше да биде имплементирана, оваа Влада ја имплементираше со цел да го подобри пристапот до потребната терапија и квалитетот на здравствена заштита“, потенцираше министерот Филипче и додаде дека ова е само еден сегмент од комплетната реформа која се имплементира на ниво на примарна здравствена заштита.
Министерот Филипче најави зголемување на капитациите и бенефит на матичните примарни лекари, кои со години немаа зголемување на капитацијата. Со оваа мерка, ќе се овозможи подобра работа, надградување на условите и опремата во кои работат матичните лекари, а бенефитот ќе го почувствуваат пациентите, информираа од Министерството за здравство.