Филипче смирува и тврди дека нема место за паника заради појавата на мутираниот коронавирус во Македонија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Откако на почетокот од овој јануари, во Велика Британија, се појави нов, мутиран вид на коронавирусот, истиот е детектиран и во Македонија кај 46-годишен пациент во приватната болница „Жан Митрев Клиник“. Информацијата синоќа ја потврди Министерството за здравство, односно министерот Венко Филипче во вестите на Канал 5 рече дека нема место за паника и дека пациентот, според податоците на ИЈЗ, веќе од 22 јануари се води за оздравен.

Тој првпат на 29 декември 2020 година, поради покачена температура и отежнато дишење, направил брз тест кој бил позитивен, а по неколку дена, односно на 4 јануари 2021 година се јавил на преглед во приватната болница „Жан Митрев Клиник“ каде му е направен ПЦР тест кој исто така бил позитивен, по што пациентот таму е веднаш хоспитализиран. Во епидемиолошката анкета пациетот нема пријавено контакти ниту пак навел дека патувал надвор од државата.

– Лабораторијата во Жан Митрев утврдила дека пациентот е суспектен на некоја мутација на вирусот, а потоа е направено секвенционирање на изолатот. Според информацијата која ја проследија до Министерството за здравство, сите мутации кои го дефинираат британскиот сој се утврдени кај изолатот од овој пациент. Кај останатите примероци кои се анализирани во приватната лабараторија не е детектиран британскиот сој на СарсКов2, напиша министерот Филипче на Фејсбук.

Во вестите на Канал 5, пак, Филипче посочи дека, според публикациите во Велика Британија, оваа мутација на вирусот има побрза трансмисија за 70% проценти, но истакна дека превентивните мерки даваат резултати и дека нема простор за паника.

-Нема простор за паника, остануваме внимателни. Ние и сега имаме превентивни мерки кои очигледно дадоа резултат. Точно е дека оваа мутација на вирусот има побрза трансмисија за 70% проценти, според публикациите во Велика Британија. Исто така, тоа што е познато од литературата е дека типот, формата на болеста е полесна од она што беше претходно. Но, превентивните мерки мора да се почитуваат. Очигледно е дека носењето на маски, држењето на дистанца навистина станува клучно, посебно со оваа форма на мутација на вирусот. Ние будно ја следиме епидемиолошката ситуација. Засега нема да препорачаме друг тип или дополнителни превентивни мерки, но следиме каква ќе биде состојбата,рече министерот.

Во случај ситуацијата да ескалира, тој истакна дека здравствениот систем е спремен и поставен, а во било кој момент испразнетите одделенија може повторно да станат ковид центри.

Штом е детектиран на едно место мутацијата веројатно дека ја има и на други места. Мутацијата не мора да е секогаш увезена од некои од земјите. Многу често мутација се случува и во секоја една од земјите, самиот вирус има тенденција да мутира заради тоа што го бара патот за трансмисија, а се соочува со можеби во некоја мини средина и со некаква форма на имунитет. Во таа смисла, не е чудо мутацијата да е од едно одредено подрачје. Не мора да имал човекот контакт или да патувал за да се случи мутација на вирусот. Впрочем, веќе констатираните мутации кај нас 20-тина соја кои се детектирани воопшто не се увозни, туку се практично мутации кои потекнуваат од тука и се наши автентични, појасни Филипче.

Инаку, т.н. британски сој на корона вирусот веќе раширен во повеќе од 60 држави. Го има во Шведска, Франција, Германија, Шпанија, како и на Балканот, односно во Хрватска, Словенија, Србија, Грција. Светските експерти велат дека е многу позаразен, но дека досега немаат сознанија дека е и посмртоносен, иако на ова предупреди британскиот премиер Борис Џонсон. Истовремено, здравствените власти и научниците во земјите каде е детектирана мутацијата уверуваат дека и вакцините против Ковид-19 се ефикасни и против мутациите.