Филипче порача дека лицата помлади од 40 години ќе почекаат за вакцинирање против Ковид-19


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Македонија денес очекува 38.400 дози од вакцината „Астра Зенека“ преку механизмот Ковакс да пристигнат денеска во земјава, а веќе утре треба да бидат испорачани 100 илјади вакцини од кинески „Синофарм“, кои се донација од кинеската армија.

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека нема одлука за промена на старосната граница за вакцинирање со „Астра Зенека“ и од новата пратка, како што рече, 24 илјади се наменети за ревакцинација, додека останатите дози се за новопријавените граѓани над 70 години.

„Продолжуваме да ставаме акцент на постарите граѓани кои дополнително се пријавени после пресекот од 30 април, кога беа пријавени вкупно околу 140 илјади граѓани. Сега се вкупно околу 160 илјади граѓани. Околу девет илјади од овие дополнително пријавените се граѓани над 70 години и со нивниот опфат околу 42 проценти од вкупно население над 70 години ќе бидат вакцинирани“, изјави Филипче.

Во однос на реакциите зошто некои помлади граѓани успеале да се вакцинираат порано, Филипче објаснува дека имало општини каде што за кратко време завршила вакцинацијата на повозрасното население и се направила дискрепанција која ќе се надмине.

„На почетокот на оваа недела одлучивме дека таа граница ќе биде 40 години, и оние помлади од 40 ќе почекаат нешто повеќе. Значи, помладите кои успеале да се вакцинираат е зашто во општината, односно во пунктот веќе била исцрпена бројката на вакцинирани постари граѓани“, додаде Филипче.

Филипче порача дека е рано за укинување на мерката да се носат маски на отворено, а сѐ уште ќе има ограничување и за ревакцинираните граѓани. Во однос на различните соеви на коронавирусот регистрирани во земјава, Филипче изјави дека доминантен останува британскиот сој, а другите се само изолирани случаи, како јужноафриканскиот сој, кој е детектиран кај граѓанин од Делчево кој патувал често бидејќи како работел како возач на камион.

„Во Македонија е доминантен британскиот сој на вирусот и сметаме дека вакви поединечни случаи на други мутации не можат да го надвладеат британскиот сој, зашто анализите велат дека британската мутација е таа што ги надвладува другите мутации од овој тип“, изјави Филипче.

Филипче порача и дека денеска имал средба со поранешните министри за здравство на која се согласиле дека е неопходна изградбата на нов Клинички центар.

„Заеднички став е дека ова прашање предолго се одолговлекува и се разговара повеќе од 15-20 години. Постигнат е на некој начин консензус по ова прашање дека секое друго решение освен нов клинички центар на ново место како гринфилд-инвестиција е парцијално решение“, додаде министерот.