Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
„Ситуацијата кај нас е прилично стабилна на што упатува малиот број на новодијагностицирани случаи, малиот број на пациенти кои се јавуваат во болница за прием. Тоа е нешто што го комуницираме на дневна основа“, изјави министерот за здравство Венко Филипче денеска по одбележувањето на Светскиот ден на крводарителството во организација на Црвениот крст на РСМ и Институтот за трансфузиона медицина, пренесува Нова ТВ.
Филипче најави дека во оваа ситуација, во овој следен период што е пред нас, како што рече, не планираат никакви рестрикции, ниту дополнителни мерки поради тоа што не гледаат некаков ризик.
– Но, морам да потенцирам дека будно ја следиме состојбата не само кај нас, туку и во околните земји поради тоа што многу често за временска разлика од една до две недели се случуваа промени во сите земји во регионот. Продолжуваме со овие мерки и продолжуваме да ја пратиме ситуацијата, изјави меѓу другото Филипче.
Тој информира дека в петок се очекува да пристигне голема количина на вакцините „Фајзер“. Оваа недела, најави, ќе бидат проследени 4.000 вакцини што ги имаме во моментов и 11.000, како што рече, што ќе стигнат денеска. Според него, околу 15.000 вакцини ќе бидат аплицирани во текот на оваа недела.
Потсети дека во нашата држава има околу 240.000 вакцинирани граѓани, заклучно со крајот на минатата недела, а околу 180.000 граѓани во моментот чекаат за вакцинација.
– Вакцинирано е население од некаде над 20 проценти од тие што треба да се вакцинираат, ако се исклучат децата, над 50 отсто се вакцинирани граѓани кои имаат над 70 години, околу 33 проценти од граѓаните над 60 години. Повторно ќе кажам, првиот момент ако видиме дека има таков ризик, повторно ќе воведеме мерки, рече министерот Филипче.
Додаде дека има доволно количини на вакцини, а имаше, подвлече и минатата недела.
– Со истата динамика продолжува и оваа недела. Значајно ќе се зголеми бројката на почетокот на следната недела кога очекуваме да стигнат поголема количина на вакцини, рече Филипче.
Во однос на индискиот сој, истакна министерот Филипче, нема сè уште прецизни податоци.
– Сè уште нема доволни испитувања каде било во светот за да знаеме точно каков е ризикот за заболување, дали лицата кои се вакцинираат имаат ризик да заболат. Тоа што досега се знае е дека ризикот да заболат лицата кои се вакцинирани е навистина мал. Но, во исто време и дека вакцината штити од тешка форма на болест од смртност дури и кај оваа форма на вирусот. Има некои публикации сега, излегуваат и некои други од западноевропските земји, меѓутоа, се уште е рано да со сигурност се тврди нешто во врска со ова прашање, појасни тој.
Уште еднаш повтори дека во овој временски период нема дополнително да препорачаат рестрикција за да се спречи евентуално ширење на индискиот сој, во моментот имаат информации дека само две земји Велика Британија која што ги успори процесите на олабавување на мерките и Португалија која што е единствена земја која што има некаква дополнителна рестрикција. Сите други, потенцира, вклучувајќи ги и сите земји кај нас во регионот одат кон попуштање на рестриктивните мерки.