Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера најави дека граѓаните можат да очекуваат ублажување на рестриктивните мерки за движење воведени поради коронавирусот на почетокот или кон средината на мај. Што се однесува на претстојниот велгиденски викенд, граѓаните празничните денови ќе ги минуваат дома со можно продолжување на полицискиот час за уште 24 часа, додаде Филипче.
Асимптоматските случаи на заразата, во кои предничат младите луѓе, и натаму остануваат најголем проблем за здравствените власти, поради што и се најавува можно продолжување на полицискиот час за претстојните велигденски празници.
„Тие поминуваат со многу лесни па дури и со никакви симптоми и се активни преносители на вирусот и во даден момент тие ќе создадат антитела. Ние со рестриктивните мерки за движење успеваме како држава да влијаеме на овој вид ширење на вирусот“, рече Филипче. Владата ќе решава дали и во понеделникот по празникот, кој е неработен ден, ќе важи целосната забрана за движење, вели министерот.
Сè уште е нејасно дали починатата жена од Велес, кај која беа пронајдени траги од коронавирусот, била заболена од Ковид-19. Се чекаат испитувања од Инстиутот за судска медицина. Според епидемиологот од Институтот за јавно здравје Владимир Микиќ целиот случај е „контроверзен“.
„Сè уште е рано да се утврди со стопроцентна сигурност дали таа жена била навистина инфицирана или не, кога настанала смртта и кои се можните начини воопшто да дошол вирусот кај нејзе“, вели Микиќ.
И анализата на резултатите на зголемениот број заболени од сезонски грип ќе чека подобри времиња, односно надминување на пикот на корона-кризата.
„Кога ќе заврши целата оваа активност, во подобри времиња, ќе направиме истражување во кое ќе кажеме прецизно дали некој од овие случаи со грип, кои се регистрирани во сезоната 2019/2020 имале симптоми слични на Ковид“, изјави доктор Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје на денешната дебата во Владата.