Филипче контра Реџепи: „Коронавирусот не е мртов“


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Изјавата на поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, во која тој вчера го прогласи коронавирусот за мртов, наиде на критики и осуди од страна на здравствените власти и политичките партии во државава. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека вирусот не е „мртов“ и оти мерките се ефикасни само доколку се почитуваат.

„Коронавирусот ниту е починат, ниту поминал. Тој е тука и за жал, проблемот ќе трае сè додека има такви кои го игнорираат. Многу пати сум повторил и повторно велам: здравствените работници не можат сами…“, порача Филипче.

Од Владата не зборуваат за одговорноста на верските лидери за ваквите изјави, со оглед дека се зголемува бројот на заразени. Оттаму велат дека пандемијата не завршила и оти сите се должни да ги спроведуваат мерките.

„Постојано ги повикуваме сите чинители во општеството, вклучително и верските заедници дека имаат должност построго да ги почитуваат мерките на институциите. Граѓаните и медиумите за коронавирусот треба и понатаму да бидат информирани од надлежните институции, како што се Министерството за здравство и институциите во рамките на Министерството“, велат од Владата.

СДСМ се повикува во ставот на министерот Филипче, а од ВМРО-ДПМНЕ не коментираа. Албанските партии, од друга страна, повикуваат на спроведување на препораките на здравствените институции како единствени кои се надлежни да даваат такви проценки.

„Без да сакаме да ги коментираме изјавите на верските заедници, сметаме дека оценките, анализите, препораките, упатствата за пандемиите можат и треба да ги даваат само здравствените работници, а другите, вклучително и политичарите, организациите, политичките партии, треба да ги слушаат и следат“, рекоа од ДУИ.

„Во однос на здравството, единствените информации што треба да се земаат за релевантни се од здравствените институции. Затоа, како политичка партија не сакаме да влегуваме во ‘паушални’ полемики од некомпетентни луѓе, туку ќе продолжиме да бараме да се почитуваат препораките на здравствените институции“, сметаат од БЕСА.

„Сечија изјава треба да биде аргументирана и добро смислена затоа што се работи за јавното здравје на граѓаните кои честопати паѓаат жртви на разни некоординирани информации. Исто така, овие информации не треба да бидат во спротивност со релевантните здравствени институции во земјата и СЗО“, рекоа од Алијанса за Албанците.

Поглаварот на ИВЗ, вчера по бајрамската молитва изјави дека борбата со коронавирусот е добиена и го прогласи за мртов. Контрадикторни изјави, поглаварот на ИВЗ даде и порано, на почетокот на пандемијата. Тој се закани дека доколку државата не ја финансира ИВЗ за време на кризата, земјата ќе стане Бангладеш. Реџепи потоа побара од надлежните да дозволат да се изврши празничната молитва, потсетувајќи ги дека изборите се близу.