Филипче апелира: „Британскиот сој“ го зголеми бројот на заразени од КОВИД-19 последниве денови


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Според министерот за здравство, Венко Филипче, зголемениот број на заразени лица со Ковид-19 последниве неколку дена се должи на присуството на „британскиот сој“ на вирусот, за кој е карактеристично тоа што многу брзо се шири, пренесува Радио МОФ.

Од Министерството додаваат дека анализите на МАНУ ќе бидат објавени деновиве, додека од приватната клиника „Жан Митрев“ посочиле дека според нивните анализи, „британскиот сој“ е детектиран кај 70% од пациентите.

Министерот Филипче рече дека бројот на хоспитализации по болниците во некои градови од земјава е зголемен, но, додаде дека тоа не е до степен каде болничките капацитети се загрозени.

„Во дел од болниците ширум државата конкретно Кавадарци, Прилеп и Охрид, зголемен е бројот на хоспитализации, но има доволен слободен болнички капацитет. Во Скопје слободни болнички кревети има и на Инфективната клиника, без модуларната болница, значајно ослободен болнички простор има и на Интерните клиники, коишто сега нормално функционираат.Во кој било момент подготвени сме сите овие капацитети да се вратат во оној претходен режим на работа кога сите лекари и сестри ротираа и сите интерни одделенија беа наменети за третман на пациенти заболени од ковид. Во секојдневна комуникација сум со директорите на сите тие Клиники, тие се свесни знаат и очекуваат“, посочи Филипче.

Истовремено, тој најави дека во следниов период е можна измена на мерките, но, во зависност од епидемиолошката состојба.

„Следиме дали овој тренд ќе продолжи вака до тој степен да биде ризик, повторно да се преоптеретат болничките капацитети, засега нема таква индиција, засега добро се менаџира, но не ја исклучувам таа можност“, рече тој.

Во однос на процесот на вакцинација, Филипче истакна дека досега околу 180 илјади граѓани на возраст од над 70 години и со хронични болести се регистрирани во системот „Мој Термин“.

„Од нив, 50-тина илјади се веќе пријавени преку веб-страницата ‘Vakcinacija.mk“ или преку матичните лекари за вакцинација, меѓутоа ние имаме и дополнителни механизми коишто ќе ги активираме да се повикаат. Тоа е нешто на што и сега тимот кој е задолжен активно работи. Важни се неколку работи, прво дека е исклучително висок процентот на здравствени работици коишто покажаа интерес да се вакцинираат“, посочи Филипче.

Тој најави дека во следниот период, не повеќе од 10 до 14 дена, дека ќе заврши процесот на имунизација на сите здравствени работници, односно 4.000 лица кои работат со ковид пациентите, додавајќи дека се задоволни од одзивот и од процесот како се спроведува вакцинацијата.

Инаку, во текот на вчерашниот ден во земјава беше надминат прагот од 100.000 заразени со Ковид-19 од почетокот на епидемијата. Со 725 нови случаи кои беа регистрирани вчера, бројката се искачи на вкупно 100.632 дијагностицирани со коронавирусот. Досега во земјава од Ковид-19 починале 3.098 лица, а бројката на активни слуачи сега изнесува 7.223.