„Фич” го потврди постојниот кредитен рејтинг на Македонија ББ


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Aгенцијата „Фич” го потврдува постојниот кредитен рејтинг на Македонија ББ, со негативен изглед, соопшти денеска Министерството за финансии (МФ).

Според МФ, на потврдата на рејтингот влијаеа кредибилната, монетарна и макропрудентна политика, кои овозможија долготрајна стабилност на девизниот курс, ниска инфлација и стабилен економски раст.

„Економскиот раст за 2017 година е ревидиран на 2,3 отсто, но се оценува дека формирањето на Владата ќе резултира со подобрување на економските очекувања и активност и следствено ќе овозможи просечен раст од 3,2 отсто во 2018-2019 година. Иако буџетскиот дефицит ќе го зголеми притисокот врз веќе растечкиот тренд на државниот долг, со 39,9 проценти во 2017 година тој е проектиран значително под просекот на 49,5 отсто од БДП на земјите со сличен кредитен рејтинг“, наведува Министерството.

„Фич“ во извештајот нотира дека пролонгираната политичка криза е надмината со формирањето на новата Влада. Притоа, се оценува дека „Планот 3-6-9„ на Владата за политики ориентирани кон членство во НАТО и ЕУ и враќање на довербата во независноста и транспарентноста на јавните институции се соочува со значајни предизвици во имплементацијата. Тие се првенствено поврзани со ризици од можни несогласувања во владиното мнозинство, како и со ризици од опструкции од опозицијата, додека локалните избори ќе претстават првичен тест за напредокот на владата.

– Потврдата на негативниот изглед ги одразува оценките на „Фич“ дека и покрај формирањето на новата Влада, се уште постојат политички ризици за ефективно водење и имплементирање на економските политики, повисок раст и напредок кон ЕУ, стои во соопштението на МФ.