Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Фудбалската федерација на Македонија најостро го осуди говорот на омраза чија последна жртва беше нашиот репрезентативец и фудбалски амбасадор, Езџан Алиоски.
Вчера изби голем стакндал откако Алиоски и неговото семејство беа избркани од ресторан во Прилеп, наводно бидејќи зборувале на албански јазик.
„Ние како федерација и институција која е социјално одговорна и се залага за развој на позитивните вредности во општеството секогаш ќе стоиме на страната на правичниот третман и почитувањето, без оглед на верската, националната припадност, расата или бојата на кожата! Сите репрезентативци кои со гордост го носат националниот дрес се нашите најголеми амбасадори, и заслужуваат секаква почит! Уште еднаш сакаме да порачаме – Омразата не игра на наш терен! Да ја исклучиме и од нашето окружување! Ги повикуваме институциите на системот соодветно да реагираат на ваквите немили настани, со цел никогаш да не се повторат“, се вели во соопштението на ФФМ.
Оливер Николоски, еден од сопствениците на ресторанот „Ла Страда“ пак изјави дека се работело за недоразбирање и дека Алиоски не бил избркан, туку бил замолен да се премести на друга маса.
„Претходно во тек на денот направивме резервација на неколку маси за група моторџии од Кавадарци кои наминуваат во нашиот објект штом ги носи патот во Прилеп. На една од нив беше седнат и фудбалерот Алиоски со свои луѓе. Им беше речено дека ќе треба да сменат маса, бидејќи на таа што седеа и уште неколку за пола час ќе дојдат најавени гости. Ниту им беше речено да станат веднаш, ниту беа навредени, ниту беа избркани. Но, веројатно поради тешкиот говор и зборување на македонски, дојде до недоразбирање, па укажувањето дека треба да се преместат го сфатија дека треба да заминат. Трипати се извинив, но беше залудно. Ниту како човек ниту како сопственик на објектот не сум имал проблем со националност на гостите“, тврди Николоски.