Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Експертите за јавно здравје ги посочија социјалните платформи како еден од главните извори на лажни тврдења дека вакцините предизвикуваат аутизам и други болести. Резултат на тоа е паника која се создава кај исплашените родители кои одбиваат да ги вакцинираат своите деца, што резултира во сегашната епидемија на мали сипаници во државата Вашингтон.
Претставник на Фејсбук, кој побара да остане анонимен, рече дека оваа социјална мрежа соработува со здравствените експерти за да одлучи кои промени ќе ги спроведе и размислува како да им пристапи на дезинформациите за вакцините. Овие промени нема целосно да ги отстранат дезинформациите од Фејсбук, но ќе ги направат помалку видливи.
На пример, групите кои промовираат дезинформации за вакцините нема да се појавуваат меѓу групите кои Фејсбук им ги препорачува на своите корисници. Исто така, Фејсбук ќе осигура постови што содржат дезинформации да не се истакнуваат во корисничките њуз-фидови.
Експертите за јавно здравје и технологија ги поздравија најавените промени.
„Ова е добра вест. Тоа се само први чекори, но одат во вистински правец“, рече Арт Каплан, раководител на Одделот за медицинска етика на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Њујорк.
Дарел Вест, директор на Центарот за технолошки иновации при Институтот Брукингс рече дека „Фејсбук е на страната на науката и дека делува во согласност со научниот консензус“.
Фејсбук, исто така, размислува за промени во својата рекламна политика. Си-ен-ен во архивата на веб-страниците со огласи на Фејсбук откри неколку групи кои промовираат лажни информации за вакцините кои се рекламираат на страницата.
Друга промена би вклучувала резултатите со дезинформациите за вакцините да се појават подалеку од врвот при пребарувањето на одредени поими. Тоа би можело да биде клучна промена. Во моментов, антивакцинирачките групи се појавуваат високо на листата на резултати при пребарување на зборот „вакцина“.
Фејсбук е под притисок да преземе нешто во врска со антивакцинирачките информации. Другите социјални мрежи одамна го зајакнаа пристапот до такви содржини. На пример, Јутјуб не дозволува прикажување огласи на видео снимки кои промовираат антивакцинирачка содржина, што значи дека таквите групи не можат да заработуваат од огласи.
Пинтерест ги има најстрогите правила за информациите за вакцините. Меѓу другото, корисниците не можат да објавуваат линк до веб-страници со дезинформации. „Ние сме место кое нуди инспирација, а нема ништо инспиративно во штетни содржини“, вели Ифеома од Пинтерест.
Каплан вели дека ги поздравува промените во Фејсбук, но во исто време се надева дека нема на тоа да се запре: „Може ќе биде неопходно да се оди понатаму, во смисла на целосно исклучување на навредливи и погрешни страници“.
Застапниците на Првиот амандман на Уставот на САД (со кој се гарантира слободата на говорот) сметаат дека Фејсбук со ова воспоставува рамнотежа: „Избегнуваат цензура, одредена содржина не им ја препорачуваат на своите читатели и ова е веројатно најдобриот начин оваа работа да се реши“, рече Лата Нот, извршна директорка на Центарот за прв амандман при Институтот Фридом форум.