„Фејсбук“ гарантира приватност во иднина за корисниците: Закерберг ги најави најголемите промени досега


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг, на годишната конференција на компанијата најави големи промени за социјалната мрежа и останатите апликации под нејзиниот чадор.

Покрај драстичните промени во дизајнот, шефот на „Фејсбук“ уверува дека планот на компанијата е да ги стави приватноста и безбедноста на корисниците на прво место.

Најмногу одекна најавата за промени во дизајнот, па така логото на „Фејсбук“ веќе нема да биде во квадратен облик, туку во кружен, а за првпат се менува и бојата.

Мобилната апликација ќе биде претежно бела, а препознатливата сина боја заминува во историјата.

Пораките пратени преку „Месинџер“ ќе бидат целосно шифрирани, што значи дека „Фејсбук“ веќе нема да може да ја надгледува нивната содржина. Платформата ќе биде целосно интегрирана со „Ватсап“.

Една од новостите е и дека „Инстаграм“ воведува пробна опција за „приватен бројач на лајкови“. Ова значи дека посетителите на вашиот профил нема да можат да го видат бројот на лајкови под фотографијата, додека вие како корисник на профилот ќе имате пристап до тие информации.

Исто така, ќе има повеќе „краткорочни“ начини за споделување содржина во пораки, што значи дека нема да има трајни записи за нив.

Покрај тоа, објавите на „Инстаграм“ веќе нема да мора да почнат со фотографии или видеосодржини. Содржина ќе се споделува и како текст, стикери или цртежи.

„Иднината е приватна. Знам дека, благо речено, нашата репутација не е најсилна кога станува збор за приватноста, но ние се фокусираме на изнаоѓање  начини за заштита на приватноста на корисниците“, порача Закерберг.