Фатален земјотрес од 7,8 степени ја погоди Турција – над 360 загинати (снимка)


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Силен земјотрес со фатална јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала рано утрово ги погоди јужна Турција и северна Сирија, уривајќи згради по што беше иницирана трескавична потрага по преживеани во урнатините во градовите и населбите низ целата област. Најмалку 360 загинаа, а стотици се повредени. Се очекува црниот биланс да се зголеми.

Од двете страни на границата жителите што останаа без сон од земјотресот пред зори излегоа надвор во студената, дождлива и снежна зимска ноќ, додека зградите беа срамнети со земја, а силните последователни потреси продолжуваа, пренесува АП.

Спасувачите и жителите бараа преживеани под урнатините на своите домови во повеќе градови, пробивајќи се низ купиштата метал и парчиња бетон.

Повредени се над 1.000 луѓе, а се очекува и тој број да се зголеми.

Според американскиот сеизмолошки институт УСГС, катастрофалниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала се случил во 4 часот и 17 минути по локално време, на длабочина од околу 17,9 километри.

Разорниот земјотрес беше почувствуван и на Кипар и на Либија.

Епицентарот на земјотресот бил во градот Нурдаги, во провинцијата Газијантеп.

Земјотрес е почувствуван и во турскиот град Дијарбекир, кој е оддалечен 350 километри од епицентарот, а најмалку 17 згради се урнале.

Властите соопштија дека 16 згради се урнале во Санлиурфа и 34 во Османија, пренесува Ројтерс.

Радиодифузерите ТРТ и Хабертурк прикажаа снимки од луѓе што ги пребаруваат остатоците од зградата и бараат преживеани во градот Кахраманмарас.

Турската управа за справување со катастрофи и вонредни состојби ја процени јачината на земјотресот на 7,4 степени според Рихтеровата скала кај Кахраманмарас и поголемиот град Газијантеп, во близина на границата со Сирија.

Потреси се почувствувани и во турската престолнина Анкара, 460 километри северозападно од епицентарот, како и во Кипар, каде што полицијата соопшти дека нема штета.

„Земјотресот го погоди регионот од кој се плашевме. Има сериозно голема штета“, рече Керем Киник, шеф на агенцијата за помош на турската Црвена полумесечина.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Твитер напиша дека „тимови за потрага и спасување веднаш се испратени“ во областите погодени од земјотресот.

„Се надеваме дека заедно ќе ја поминеме оваа катастрофа што е можно поскоро и со најмала штета“, напиша тој.

Турција е меѓу земјите со најмногу земјотреси во светот. Повеќе од 17.000 луѓе загинаа во 1999 година кога земјотрес со јачина од 7,6 степени го погоди Измит, град југоисточно од Истанбул.

Во 2011 година повеќе од 500 луѓе загинаа во земјотрес во источниот град Ван.

Според податоците на здравствените власти во Сирија, во разорниот земјотрес загинале најмалку 230 лица, а повеќе од 600 се повредени.

Турската агенција за катастрофи соопшти дека 76 лица загинале, а 440 се повредени, а властите мобилизирале спасувачки тимови и префрлиле авиони во погодената област.

Во исто време, Турција прогласи „аларм од четврто ниво“, повикувајќи на меѓународна помош, пренесува Ројтерс.