Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Факт е дека деценијата која ја испративме со завршувањето на 2019 година беше дефинирана, директно осмислувана и со трендови директно диктирана од страна на веќе неодминливите социјални платформи кои, сакале ние или не, дефинитивно станаа неодминлива „(над)реалност“ во човечкото секојдневие.
Тешко е да се аргументира дека Фејсбук и Твитер доведоа до попромислен, попрецизен и посочувствителен дискурс, пишува Тим Харфорд за Фајненшл тајмс, пренесува Мкд.мк.
Изминатата деценија беше преполна со значајни настани, но една голема промена бавно ни се прикрадуваше: нашите искуства во просторот на социјалните медиуми. Некаде помеѓу Силиконската долина и нашите вибрирачки џебови, помеѓу нашите најблиски пријатели и некои безлични тролови, Фејсбук ги преобликува нашата приватност, политика, економија и пред сè нашето внимание.
Социјалните мрежи постоеја и пред 2010 година, но не вакви какви што ги знаеме сега. Малкумина од нас користеа паметни телефони во 2009. Базата на активни корисници на Фејсбук се зголеми за седум пати во последните десет години и едноставно нема доволно луѓе за тоа да се повтори.
Инстаграм и Ватсап беа иницирани пред десетина години и брзо се интегрираа во мајката на сите социјални мрежи. Што се однесува на Твитер, пак, да кажеме само дека Доналд Трамп почна сериозно да твитува дури во 2011.
Каков ефект имаше сето ова? Може да се тврди дека социјалните мрежи овозможија некои поголеми настани како што е Арапската пролет и изборот на Доналд Трамп, иако никогаш не постои едноставно објаснување за ваквите работи.
Пристрасните извори на вести беа популарни долго пред ние да „влеземе во онлајн ехо-коморите“, а пропагандата не е ништо ново.
Има и придобивки од социјалните мрежи – тие им даваат простор на сите видови луѓе што заслужуваат нивниот глас да се слушне.
Сепак, тешко е да се тврди дека социјалните мрежи довеле до попромислен, попрецизен или посочувствителен дискурс за политиката.
Среде силеџиството, мизогинијата и бескрајниот гнев, тешко е да се раздвојат ботовите и луѓето, главно затоа што толку многу луѓе се спуштија на ниво на ботови, вели Харфорд.
Пред десет години единствениот проблем ни беше да не ни се преоптовари електронската пошта. Сега со себе носиме моќни апарати што во голема мера го одвлекуваат нашето внимание. Тие го следат нашето однесување, упорно зујат за да ни го привлечат вниманието и ја користат нашата желба да се вклопиме, да комуницираме и да возвратиме. Ние не се согласивме свесно на ова и секој од нас мора внимателно да размисли што навистина сака од социјалните мрежи.
Минатиот Божиќ си ветив дека помалку ќе го користам смартфонот, вели Харфорд. Успеав во тоа – сè до пред неколку месеци, кога почнав многу повеќе да го користам Твитер. Зошто? Требаше да продадам нешто. Ова изгледа како мизерен изговор.
Сепак, почнува нова деценија. Јас не можам сам да го срушам Фејсбук, но можам да испланирам да правам нешто поконструктивно со времето и енергијата што често ги трошам на социјалните мрежи. Се надевам дека не сум единствениот.