Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Според анализата на „Фајненшл Тајмс“, бројот на смртните случаи во светски рамки од КОВИД-19 може да биде 60 отсто поголем отколку што покажуваат официјалните податоци. Анализата е направена врз основа на податоци од 14 набљудувани земји.
Според статистичките податци за смртноста во регионите на анализираните земји забележани се 122.000 смртни случаи повеќе од нормалното ниво за истиот период, што е значително повеќе од пријавените 77.000 смртни случаи поради КОВИД-19 во истиот тој регион.
Ако тој пораст на нивото на смртноста се преслика врз целиот свет, глобалниот број на умрените од компликации поврзани со коронавирусот би пораснал од официјалните 201.000 на дури 318.000.
За да го пресмета „вишокот“ смртни случаи, Фајненшл Тајмс ја споредил смртноста од разни причини во март и април 2020 со просекот за истиот период меѓу 2015 и 2019 година. според таа анализа во Белгија вкупната смртност во тој период пораснала за 60 отсто, во Шпанија за 51 отсто, во Холандија за 42, а во Франција за 34.
Некои од тие смртни случаи би можеле да бидат предизвикани и од други фактори освен коронавирусот бидејќи граѓаните во време на периодот на пандемијата ги избегнувале болниците и немале редовен пристап до терапии. Но, најголемиот вишок во смртноста е забележан на местата кои исклучително тешко беа погодени од епидемијата на ковид-19, што сугерира дека повеќето од смртните случаи сепак се директно поврзани со вирусот, а не само од нуспојавите од мерките на ограничување.
Статистичарот Дејвид Шпигелхалтер од Кембриџ кажа дека дневните броеви на умрените од коронавирусот во Британија не се реални бидејќи ги прикажуваат само оние кои умреле во болниците.
Порастот над просечното ниво на смртноста е најизразен во урбаните области погодени од пандемијата. Така во провинцијата Гуајас, во Еквадор, меѓу 1 март и 15 април се пријавени само 245 смртни случаи поврзани со коронавирусот, но податоците за вкупната смртност покажуваат дека тогаш умреле околу 10.200 повеќе луѓе отколку што е типично за тој период. Значи, станува збор за пораст на смртноста од 350 отсто.
Во северниот италијански регион Ломбардија во речиси 1.700 општини се пријавени 13.000 смртни случаи повеќе од просекот за тој период, што е многу повеќе од 4.348 пријавени смртни случаи од ковид-19 во тој регион.
Регионот околу италијанскиот град Бергамо забележа најлош раст на смртноста на меѓународно ниво, со 464 отсто пораст на смртните случаи над нормалното ниво, а потоа следат градот Њујорк со пораст од 200 отсто и Мадрид со 161 отсто.
Во Англија и во Велс од 3 до 10 парил беше најголемиот пораст на смртноста за тој период во овој век. Бројката на умрените била за 76 отсто од просекот за истата недела во последните пет години.