Фабриката нема да се затвори, тврдат челните лица од Брилијант


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Фабриката за производство на масло Брилијант нема да се затвори, тврди за Фактор директорот на компанијата Коста Ташков. Тој посочува дека само еден дел од рафинеријата е затворен, а останатиот дел од фабриката работи. Потврди дека 30 работници се отпуштени, но оти тие се од затворениот погон. 

Ташков ги отфрли како невистини шпекулациите во јавноста дека луѓе од власта сакале да ја купат компанијата и дека актуелната партија на власт побарала од раководството да ја финансираат со одредена сума пред изборите, а компанијата одбила да ја исплати сумата.

Само еден дел од рафинеријата е затворен и се отпуштени околу 30 вработени од тој дел. Причината е високата цената на суровото масло на берзата, што пак е причина за економска неисплатливост. Кога ќе се створат услови за поволна цена на суровото масло на берзата повторно ќе ги вратиме на работа. Инаку Фабриката си работи и можете да видите дека во сите маркети сме застапени и ќе не има и понатаму, фабриката не се затвора, вели Ташков

Во јавноста има непотврдени информации дека на сопственикот на компанијата Митко Николов му пропаднал бизнис во странство, па бил принуден да ја затвори фабриката. Засега нема информации како затворањето на едниот дел од рафинеријата ќе влијае врз вкупното производство, односно произведените количини на масло и крајно врз цената на производот.

Инаку Фирмата Брилијант важи за најголем производител на истоименото масло за јадење Брилијант. Во 2006 година компанијата Брилијант и германската ГЕА Вестфалија, потпишаа договор за технолошка опременост на првиот производствен капацитет за суровина за био дизел гориво во Македонија, а инвестиција беше вредна 9,8 милиони евра.