Европската филмска академија го додели „Европските филмски награди“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Со освоени вкупно осум награди, меѓу кои и онаа а најдобар европски филм, британскиот филм „The Favourite“ доминираше на годинешното 32. издание на Европските филмски награди (ЕФА) во Берлин.

„The Favourite“ освен за најдобар филм, е награден и за најдобра европска комедија, додека неговиот режисер, Гркот Јоргос Лантимос, доби награда за најдобар европски режисер, а глумицата Оливија Колман освои награда за најдобра главна женска улога. Филмот, меѓу другото, е награден и во категориите за најдобра костимографија, монтажа и шминка.

За најдобар европски глумец е прогласен Антонио Бандерас за улогата во шпанскиот филм на Педро Алмодовар „Pain and Glory/Dolor y Gloria“, кој освои награда и за најдобра сценографија.

Меѓу останатите филмови, францускиот „Les Miserables“ е награден како Европско откритие на годината. Британскиот филм „For Sama“ е прогласен за најдобар европски документарец, шпанскиот филм „Bunuel in the labyrinth of the turtle“ за најдобар европски анимиран филм, додека романскиот „The Chritsmas Gift/Cadoul de craciun“ е прогласен за најдобар европски краток филм на годината.

Полскиот филм „Cold War/Zimna wojna“ го доби мнозинството гласови од публиката и наградата „People`s Choice Awards“, а германскиот режисер Вернер Херцог доби награда за животно дело.

Церемонијата за доделување награди се одржа изминатиот викенд во познатата берлинска сала „Haus der Berliner Festspiele“. Во Берлин, каде што се наоѓа седиштето на Европската филмска академија која ги доделува овие награди, церемонијата на доделување се одржува секоја втора, непарна година од 1997 година, додека во парните години наградите се доделуваат секој пат во некој друг европски град.

Наградите на ЕФА вкупно се доделуваат во 24 категории, за што одлучуваат 3.600 членови на Европската филмска академија.