Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Еден од најголемите скандали кои го тресат Брисел добива ново продолжение, а покрај големата сума пари во кеш, аферата сега дополнително ја подгреваат и семејни интриги. Грчката пратеничка во Европскиот парламент и главната осомничена во корупцискиот скандал, Ева Каили, се чувствува изневерена од своето момче, изјави во средата нејзиниот адвокат пред нејзиното прво судско рочиште во Брисел, пишува Политико.
„Чувствува дека нејзиниот партнер ја изневери, таа му веруваше, тој ја изневери“, изјави грчкиот адвокат на Каили, Михалис Димитракопулос. Во овој момент од него не се бара да дава никакви изјави за овој случај, додаде адвокатот.
Каили е во центарот на спиралната истрага за наводната корупција во Катар, која го потресе Европскиот парламент и предизвика длабока ревизија во Брисел. Таа беше уапсена од белгиската полиција во серија рации, а во нејзиниот стан, меѓу другото, биле пронајдени 150.000 евра во кеш. Каили во четврток треба да се појави на суд кој треба да одлучи дали ќе остане во притвор додека трае судењето.
Адвокатот Димитракопулос, кој отпатува во Брисел за да присуствува на сослушувањето на пратеничката во Европскиот парламент, смета дека таа треба да биде ослободена.
Тој за грчките медиуми, по четири часа разговор со Каили во затвор, изјави дека не може да предвиди што ќе се случи, но има многу правни аргументи кои го поддржуваат нејзиното ослободување од затвор. „Таа не е ниту осомничен бегалец, ниту може да се меша во доказите на истрагата“, рече тој.
Димитракопулос во вторникот рече дека Каили побарала од нејзиниот татко да земе пари од нејзината куќа, додавајќи дека тој и покрај тоа е убеден во нејзината невиност.
Партнерот на Каили, Франческо Џорџи, е меѓу четворицата уапсени под прелиминарни обвиненија за корупција, перење пари и учество во криминална организација. Властите се сомневаат дека обвинетите земале пари или подароци во замена за промовирање на интересите на странски земји како Катар во Европскиот парламент.
Во вторникот, адвокатот на Каили им откри на новинарите дел од нејзината одбрана. Тој рече дека Каили не знаела дека Џорџи ги држел парите и дека се обидела да ги врати парите. Во еден момент му рекла на татко ѝ да ги земе парите. Подоцна полицијата го пронашла како носи куфер полн со пари додека излегувал од хотел. Таткото е ослободен, а таа, нејзиниот партнер Франческо и неговиот поранешен шеф Пјер Антонио Панцери остануваат во белгиски затвор додека трае истрагата.
„Нејзиниот сопруг беше уапсен во близина на гаражата, но тие беа заедно. Не беше објавено која е причината за апсењето“, изјави Димитракопулос за локалното грчко радио.
„Во тој момент од партнерот дознала за содржината на куферот. Едната опција била да го предаде во полиција, а другата била да се однесат парите кај сопственикот. Таа нема обврска да го пријави сопругот според европскиот закон“, додаде тој и нагласи дека Каили е невина „без фусноти и ѕвездички“.