Евидентиран пораст на бројот на лица кои втор пат се заразиле со Ковид-19


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Согласно податоците со кои располага Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во периодот од 13 до 19 декември, вкупно 36 лица во земјава по вторпат се заразиле со ковид-19, што е зголемување од 38,5 отсто во однос на претходната недела. Според последната евиденција, вкупно се регистрирани 1.013 реинфекции, од кои две се втори реинфекции.

Во тој период тестирани се 19.943 материјали, а регистрирани се 1.922 нови случаи од 32 градови во државата, со намалување од 8 отсто во однос на минатата недела.

„Процентот на позитивност се движи од 6,9 отсто до 12,4 отсто. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (49,9 отсто). Највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци. Во овој период регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, а најмал број е регистриран кај возрасната група од до 9 години. Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи“, стои во извештајот на ИЈЗ.

Освен тоа, пријавени се 66 смртни случаи во 22 градови во текот на изминатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (19). Во однос на возраста, најголем број (80,3 отсто) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (10), 40-49 години (2) и 30-39 години (1).

Хоспитализирани во моментов се 347 лица, што е за 18,7 отсто помалку во споредба со претходна недела. 243 од нив се на кислородна поддршка и 12 се на механичка вентилација. Заклучно со 19 декември, вакцинирани се вкупно 853.314 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19 во државата и во странство. Со две дози се вакцинирани вкупно 822.300 лица, а со трета доза се вакцинирани 89.546 лица.