Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Славната и убава руска тенисерка која растураше на тениските терени, Марија Шарапова, во својата автобиографска книга пишува за тоа како почнала и како завршила нејзината врска со словенечкиот кошаркар Саша Вујачиќ, пренесува Russia Beyond.
Според неа, таа немала сериозна врска сѐ до нејзината дваесет и втора година. Вујачиќ го сретнала на крајот на 2009 година на скара кај своја другарка која го поканила словенечкиот кошаркар на гости особено за да го запознае со Марија.
„Тој пристигна кога веќе вечеравме. Косата му беше уште влажна по туширањето. Тој носеше тренерка, двете колена му беа завиткани во облоги со мраз. Веднаш ми се допадна. Добро се разбиравме и брзо се збиживме, а јас тогаш мислев дека тоа е можно само меѓу двајца спортисти. Живееше во Лос Анџелес, беше професионален спортист, висок, со источноевропски менталитет. На почетокот сè изгледаше сјајно“, пишува Шарапова, пренесува порталот NEWSru.com.
Меѓутоа, извесни проблеми почнале да се појавуваат уште тогаш, на почетокот на нивната врска. На пример, кога биле заедно во Лос Анџелес, Вујачиќ секогаш инсистирал на тоа времето да го поминуваат кај него, иако куќата на Шарапова била многу поголема и поудобна и се наоѓала на истата улица.
„Тоа беше чисто машка црта или, можеби, црта на маж од Источна Европа. Тој сакаше да биде главниот, да биде во центарот на сѐ, да контролира сѐ. Тој не сакаше да мисли на тоа дека јас заработувам повеќе од него и дека мојата куќа е поголема. Никогаш не разговаравме за тоа и не признававме дека јас сум во тенискиот свет поуспешна и позначајна отколку што е тој во светот на кошарката“, пишува Шарапова.
Околу една година по почетокот на врската, Шарапова и Вујачиќ се свршија. Меѓутоа, според Марија, немало конкретна намера да се венчаат, затоа што таа сигурно не била подготвена за брак. Тоа повеќе било „гест на искажување на љубов на словенски или источнословенски манир“, начин да се каже дека таа го има само него, и дека тој ја има само неа.
Меѓутоа, успесите на Шарапова, нејзината слава и богатството постепено станувале сѐ потежок проблем за свршеникот. На крајот, Марија се чувствувала како во стапица.
Причината за раскинувањето беше говорот на руската тенисерка на церемонијата за доделување на трофејот по освојувањето на Ролан Гарос во 2012 година, во кој таа пропушти да му се заблагодари на својот сакан.
„Со месеци очекував од него некаков знак и го добив. Во една реченица. Нашата врска е завршена“, напиша Шарапова во својата автобиографија.