Еве што сè содржи и опфаќа владиниот план за реформи 3-6-9


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Премиерот Зоран Заев денеска го објави Планот 3-6-9, кој како што рече е првиот чекор за сериозен пробив кон евро-атлантските интеграции, после големиот долгогодишен застој на државата.

Овој план, што Владата го усвоила на вчерашната седница е првиот чекор на итните реформски приоритети, а името План 3 – 6 – 9 ги означува наредните временски точки на придвижувањето напред.

За три месеци, како што појасни Заев, треба да се заокружат првите реформи, односно до одржувањето на локалните избори да се обезбеди аргументација за Европската Комисија да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на пристапните преговори.

За 6 месеци би бил заокружен вториот реформски круг, што подразбира до Советот на ЕУ во декември 2017 Македонија да покаже сериозни резултати во повеќе области што ќе ја зацврстат перцепцијата како сериозна земја кандидатка на Европската Унија.

За 9 месеци би се имплементирал третиот круг реформи, за до следниот Извештај на ЕК за Македонија да се насочат земјите членки на Унијата кон дискусија за утврдување датум за претпристапни преговори на Европската унија со Република Македонија.

На денешната прес конференција Заев најави: демократски Парламент, реформи во судството, во медиумите, во јавната администрација и безбедносните служби, борба против организираниот криминал и корупцијата, услови за фер и демократски избори според препораките на ОБСЕ/ ОДИХР и сите други релевантни меѓународни организации и кохабитација со претседателот на државата.

-Владата ќе продолжи да соработува со граѓанското општество како рамноправен партнер и коректор на нејзините одлуки, со целосно право да учествува во градење на политиките, да сугерира и да критикува. Имаме намера, дијалогот на Владата со граѓанското општество да биде континуиран, транспарентен и целосно инклузивен. Ќе овозможиме опозицијата да се вклучи во спроведувањето, надзорот и консултациите околу мерките во Планот, како и сите други поединци, групи, партии, организации, рече Заев.