Еве што открија во Вухан истражителите на СЗО кои го бараа потеклото на коронавирусот во Кина


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Истражниот тим на СЗО кој беше на истражна мисија за потеклото на коронавирусот во Кина открил знаци дека епидемијата била многу поголема во Вухан во 2019 година отколку што досега се мислеше. Тие итно бараат пристап до стотици илјади примероци на крв од градот, кои Кина досега им нема дозволено да ги истражат.

Мисијата откри дека веќе во декември 2019 година во Вухан, Кина, имало 13 различни соја на коронавирусот, изјави во ексклузивно интервју за Си-ен-ен научникот од Светската здравствена организација, Питер Бен Ембарек.

Податоците собрани за време на првото патување на научниците на СЗО за да го испитаат потеклото на ковид-19 може да укажат на епидемија што била пораспространета отколку што досега се мислеше.

Некои вирусолози веруваат дека поголемиот број соеви во Вухан уште во декември може да сугерираат дека вирусот претходно се ширел незабележан.

„Вирусот кружел како луд во Вухан во декември, што е ново откритие“, вели Ембарек, главен истражувач за мисијата на СЗО во Вухан, кој тукушто се вратил во Швајцарија. Тој вели дека откриле знаци дека во Вухан во декември 2019 веќе имало над 1.000 заболени од ковид-19.

Ембарек рече дека мисијата – која ја сочинувале 17 научници на СЗО и 17 Кинези – го проширила видот на генетскиот материјал на вирусот што го испитувале од раните случаи на коронавирусот во декември. Ова им овозможило увид и во делумни генетски примероци, а не само во целосни, рече тој. Како резултат на тоа, тие првпат успеале да соберат 13 различни генетски низи на вирусот САРС-КоВ-2 од декември 2019 година. Секвенците, доколку се испитаат со пошироки податоци за пациентите во Кина во текот на 2019 година, може да дадат значајни знаци за локацијата и времето на епидемијата пред декември.

Ембарек рече: „Некои од нив се од пазарите… Некои од нив не се поврзани со пазарите“, што го вклучува пазарот за морска храна Хуанан во Вухан, за кој се сметаше дека играл улога во првото ширење на вирусот. „Ова е нешто што го најдовме како дел од нашата мисија… дел од интеракцијата што ја имавме сите заедно.“

Откривањето на толку различни можни варијанти на вирусот може да сугерира дека тој циркулирал подолго од само тој месец, како што претходно велеа некои вирусолози. Овој генетски материјал веројатно е првиот физички доказ што се појавил на меѓународно ниво за да ја поткрепи таквата теорија, вели Си-ен-ен.

Ембарек рече дека на членовите на мисијата им била дадена анализа на кинески научници за 92 сомнителни случаи на ковид-19 од октомври и ноември 2019 година – пациенти што имале симптоми на ковид и биле сериозно болни. Тимот на СЗО побарал овие 92 да бидат тестирани во јануари годинава за антитела. Од нив, 67 се согласија да бидат тестирани и сите се покажаа негативни, вели Ембарек. Тој додава дека се потребни дополнителни тестови бидејќи останува нејасно дали антителата остануваат кај поранешните пациенти со ковид-19 дури до една година подоцна.

Сепак, начинот на кој овие 92 случаи биле распространети географски во текот на тие два месеци и низ Хубеи исто така го заинтригирал Ембарек. Тој вели дека 92. случаи, како што му било претставено на тимот на СЗО, не се појавиле во кластери, како што е вообичаено во епидемиите на болести. Наместо тоа, тие биле распоредени во мали броеви во текот на обата месеци, и низ целата провинција Хубеи, каде што се наоѓа Вухан.

„Немало кластери на одредени места“, рече тој. „Тоа ќе било забележано.“

Останува нејасно дали овие 92 случаи биле поврзани со коронавирусот и што може да значи овој недостиг од кластери.

Ембарек исто така рече дека членовите на мисијата била во можност да се сретнат со првиот пациент со ковид-19 за кој Кина вели дека знаела. Жител на Вухан на 40-тина години, човекот не е идентификуван и немал патувано никаде во периодот пред тоа.

„Тој нема никаква врска со пазарите“, рече Ембарек. „Ние и разговаравме со него. Тој има мошне – на некој начин – досаден и нормален живот, без качување по планини и слично. Тој е канцелариски работник во приватна компанија“.

Научниците на СЗО, исто така, рекоа дека е „крајно малку веројатно“ дека вирусот дошол од инцидент во лабораторија – побивајќи ја теоријата на заговор што се вкорени кај дел од светот кон крајот на 2020 година.

Научниците на СЗО се надеваат дека ќе се вратат во Вухан за да продолжат со истрагите, рече Ембарек, не можејќи да даде конкретни дати за тоа патување, но истакнувајќи дека особено сакаат да истражат илјадници примероци од банка за крв во Вухан од кои некои датираат и од пред две години.