Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Според извештајот кој го соопшти Министерството за внатрешни работи, билансот од синоќешниот протест пред Парламентот во Скопје вели дека од судирот меѓу полицијата и демонстрантите има повредени, а има и предизвикана штета врз јавни и приватни имоти.
Министерство за внатрешни работи:
„Повредени се 10 полицајци, седум лица побараа медицинска помош, 26 лица се уапсени. Околу 50 лица за време на заминувањето од Собранието се насочија кон плоштадот Македонија и нападнаа два угостителски објекти каде што го уништиле внатрешниот дел и предизвикале паника кај присутните. Во близина на еден хотел запален е автомобил. Огнот бил локализиран од страна на противпожарните тимови.“
До полициската интервенција дојде по ескалацијата на ситуацијата. МВР тврди дека демонстранти ја нападнале полицијата и Собранието.
Министерство за внатрешни работи:
„Неколку демонстранти, најголемиот дел маскирани, насилно ги турнаа оградите на Собранието и фрлаа со камења и тврди предмети заедно со пиротехнички средства кон собраниската зграда и полицискиот кордон. Исто така имаше обиди за влез во Собранието.“
По протестот, социјалните мрежи се наполнија со фотографии од жена, која, како што се тврдеше, била брутално претепана од страна на полицијата. По верификацијата, излегува дека фотографијата била позајмена од српските медиуми и објавена во Македонија. Според полицијата целта била да се зголемат тензиите. Полицијата ги идентификува случаите на социјалните мрежи и оние кои на протестот се забележани како ја поттикнуваат толпата, но кои во исто време имале маски. Официјално не се знае организаторот. На чело на протестот беа забележани поранешниот функционер од ВМРО-ДПМНЕ, Филип Петровски, како и претседателот на партијата Единствена Македонија, Јанко Бачев. Тој синоќа со знамето на Руската Федерација беше забележан на чело на протестот, а се качи и на полициско оклопно возило со руското и со знамето со сонцето од Кутлеш и повикуваше на отпор. Јавното обвинителство соопшти денеска дека по обезбедувањето на материјални докази ќе ги процесуира најновите случувања .Според обвинителството, за вчерашниот протест се истражува и улогата на лица со јавни функции.
Извор: Алсат М