Еве како Германија ќе ги заштити своите индустриски гиганти од преземање од странци


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Со законот кој планира да го усвои до крајот на 2019 година, Германија планира да основа државен фонд кој ќе ги штити компаниите од странско преземање, истакнуваат германски владини извори. Оваа одлука доаѓа откако официјален Берлин вели дека увиделе оти веќе не можат сè да препуштат на пазарот.

Министерот за економија Петер Алтмајер предложи основање на таков фонд во февруари, во рамките на новата индустриска стратегија.

Во тој документ, како клучни индустриски сектори во следната деценија се издвоени секторот за челик и алуминиум, хемискиот и секторот на производство и проектирање на машини, оптика, автомобилскиот и секторот за медицинска опрема, зелена технологија, воената индустрија, воздухопловството и 3Д-печатењето.

Меѓу компаниите чиј опстанок Алтмајер го оцени како клучен за економијата во целина, меѓу другите, издвоени се Дојче банк, Тајсенкруп, Сименс и големите германски производители на автомобили.

Владата работи на нацрт-законите, а фондот би можел да почне со работа следната година.

Замислено е државниот инвестициски фонд да соработува со приватниот сектор во купување сопственички удел во компаниите за да се отстрани можноста за несакани преземања, истакнале два владини извори кои сакале да останат анонимни.

Со фондот би можела да управува банкарската група KfW (наследничка на Кредитната институција за обнова – германски: Kreditanstalt fur Wiederaufbau, KfW) или би се основала нова институција која би управувала со сопственичките удели.

Вложувањата би биле ограничени на „посебни случаи“, а уделите би се купувале на ограничен временски период, објасни претставник на министерството за економија.

Тие случаи главно би биле насочени кон заштита на клучната инфраструктура и би се засновале на оцената на владата дека одреден инвеститор надвор од Европа претставува закана за националните интереси на Германија.

Актуелниот пресврт во Берлин е одговор на претворањето на Кина од клиент во конкурент. Дополнителен поттик се и заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за еднострани трговски санкции и повисоки царини.