Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Најголемата опозициска партија до Собранието поднесе Предлог закон за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 Април 2017 година, по скратена постапка.
Во продолжение ви го пренесуваме интегрално текстот од Предлог законот
ОЦЕНКА НА СОСТОЈБИТЕ ВО ОБЛАСТА ШТО ТРЕБА ДА СЕ УРЕДИ СО ЗАКОНОТ И ПРИЧИНИ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ
Со Законот за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 Април 2017 година се предвидува и уредува начинот на ослободување од кривично гонење, запирањето на поведените кривични постапки и целосното ослободување од издржување на казната затвор на лицата осомничени и обвинети во судските постапки кои се водат пред судовите на територија на Република Македонија, а во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 Април 2017 година.
Со законот се определува и бришење на осудата и се укинува правната последица на осудата заклучно со денот на влегување на законот во сила.
ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА
Основната цел на Предлог-законот е амнестија за сите инволвирани во случувањата од 27 април, со цел национално помирување и враќање на нормалните текови во државата.
ОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ОД ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОНОТ ВРЗ БУЏЕТОТ И ДРУГИТЕ ЈАВНИ ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА
Спроведувањето на овој закон, не предизвикува финансиски последици врз Буџетот на Република Македонија и другите јавни финансиски средства.
ОЦЕНА НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА ПОТРЕБНИ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ, НАЧИНОТ НА НИВНО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ, ПОДАТОЦИ ЗА ТОА ДАЛИ СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЗАКОНОТ ПОВЛЕКУВА МАТЕРИЈАЛНИ ОБВРСКИ ЗА ОДДЕЛНИ СУБЈЕКТИ
За спроведување на овој закон не се потребни дополнителни финансиски средства од Буџетот на Република Македонија
СКРАТЕНА ПОСТАПКА ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ
Со оглед на тоа што не е во прашање сложен и обемен закон, согласно член 170 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, се предлага Собранието да расправа по Предлогот на законот по скратена постапка.
ПРЕДЛОГ – ЗАКОН
ЗА АМНЕСТИЈА НА ЛИЦАТА ОСОМНИЧЕНИ, ОБВИНЕТИ И ОСУДЕНИ ЗА СОБРАНИСКИТЕ НАСТАНИ ОД 27 АПРИЛ 2017 ГОДИНА
Член 1
(1) Со овој закон се ослободуваат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор (во натамошниот текст: „амнестија“) лицата:
осомничени и обвинети во судските постапки кои се водат пред судовите на територија на Република Македонија, а во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 Април 2017 година за кои постои основано сомнение дека до денот на влегувањето во сила на овој закон, сториле кривични дела согласно член 384 – Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, согласно член 386 – Насилство, согласно член 385 – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело и кривично дело согласно член 313 – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 37/96, 80/99, 4/02, 43/03, 19/2004, 81/05, 60/06, 73/06, 87/07, 7/08, 139/08, 114/09, 51/11, 135/11, 185/11, 42/12, 166/12, 55/13, 82/13, 14/14, 27/14, 28/14, 41/14, 115/14, 132/14, 160/14, 199/14, 196/15, 226/15 и 97/17) и други кривични и прекршочни дела согласно со позитивно-правните прописи во Република Македонија,
лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик и/или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија, а во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 Април 2017 година.
(2) Се определува бришење на осудата и се укинува правната последица на осудата заклучно со денот на влегување на сила на овој закон.
Член 2
(1) Постапката за примена на овој закон за лицата против кои е во тек кривична постапка, ја поведува по службена должност првостепениот суд пред кој се води постапката, надлежниот јавен обвинител или осомниченото, односно обвинетото лице, односно лице кое во корист на обвинетиот може да изјави жалба.
(2) Постапката за примена на овој закон за лицата кои не отпочнале со издржување на казната затвор, постапката по службена должност ја поведува надлежниот првостепен суд што ја донел пресудата, по барање на надлежниот јавен обвинител или по барање на осуденото лице на кое се однесува амнестијата, односно лице кое во корист на обвинетиот може да изјави жалба.
(3) Постапката за примена на овој закон за лицата кои се правосилно осудени ја поведува по службена должност казнено-поправната установа во која осуденото лице ја издржува казната затвор.
(4) Решението за амнестија според одредбите од овој закон го донесува судот што ја донел првостепената одлука, во рок од пет (5) дена од денот на приемот на барањето.
Член 3
(1) Против решенијата од член 2 на овој закон жалба можат да поднесат јавниот обвинител, лицата на кои се однесува амнестијата и лицата кои во нивна корист можат да изјават жалба во рок од три (3) дена.
(2) По жалбата против решението на првостепениот суд одлучува непосредно повисокиот суд, во рок од три (3) дена.
Член 4
Доколку со овој закон не е поинаку определено, во постапката за спроведување на овој закон се применуваат одредбите од Законот за кривична постапка.
Член 5
Упатство за спроведување на овој закон го донесува Министерот за правда во рок од три (3) дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 6
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ПРЕДЛОГ– ЗАКОНОТ
ЗА АМНЕСТИЈА НА ЛИЦАТА ОСОМНИЧЕНИ, ОБВИНЕТИ И ОСУДЕНИ ЗА СОБРАНИСКИТЕ НАСТАНИ ОД 27 АПРИЛ 2017 ГОДИНА
ОБЈАСНУВАЊЕ НА СОДРЖИНАТА НА ОДРЕДБИТЕ НА ПРЕДЛОГ НА ЗАКОНОТ
Со членот 1 се определуваат лицата кои се ослободуваат од кривично гонење, за кои се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор, а со ставот (2) се определува бришење на осудата и укинување на правната последица на осудата заклучно со денот на влегување на сила на овој закон.
Со членот 2 се предвидува постапката за примена на овој закон од страна на судот, обвинителството и казнено-поправните установи.
Членот 3 предвидува поднесување на жалба по решенијата од членот 2.
Со членот 4 се предвидува дека доколку со овој закон не е поинаку определено, во постапката за спроведување на овој закон ќе се применуваат одредбите од Законот за кривична постапка.
Членот 5 предвидува да се донесе Упатство за спроведување на овој закон од страна на Министерот за правда во рок од три (3) дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Членот 6 го уредува влегувањето во сила на законот.
МЕЃУСЕБНА ПОВРЗАНОСТ НА РЕШЕНИЈАТА СОДРЖАНИ ВО ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ОДРЕДБИ
Решенијата содржани во одредбите се меѓусебно поврзани и чинат една правна целина.
III. ПОСЛЕДИЦИ ШТО ЌЕ ПРОИЗЛЕЗАТ ОД ПРЕДЛОЖЕНИТЕ РЕШЕНИЈА
Предлогот на законот ќе обезбеди амнестија за сите инволвирани во случувањата од 27 април.