Еуроактив тврди: Украина на големо купува руски горива преку Бугарија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Повикувајќи се на податоците кои ги објави бугарскиот национален статистички институт, Еуроактив пренесува дека во 2022 година Украина купила огромно количество горива од Бугарија произведени од руска нафта.

Од јануари до ноември 2022 година, Бугарија извезла горива во Украина во вредност од 700 милиони евра, а доколку трендот продолжил во декември, вкупната вредност за годината ќе надмине 825 милиони евра. Во споредба со периодот пред војната, ова е зголемување за 1.000 пати, бидејќи извозот на гориво од Бугарија во Украина во 2021 година изнесувал само 750.000 евра.

Сегашниот обем на извоз на бугарска нафта во Украина е толку голем што одговара на околу 1% од обемот на целата бугарска економија.

Главниот извоз на гориво од Бугарија во Украина е гасното масло (познато и како црвен дизел), кое сочинува повеќе од 90% од испораките.

Испораките на бензин, исто така, рапидно се зголемиле во последните шест месеци, што се објаснува со руските напади врз украинската клучна инфраструктура. Дизел-горивото се користи во тешката индустрија за напојување на машините, генераторите и теренските возила, како и во земјоделството и поморскиот превоз.

Производителот на гасно масло во Бугарија е единствената рафинерија во земјата, лоцирана во пристанишниот град Бургас, во сопственост на руската нафтена компанија Лукоил, која сè уште работи главно со руска нафта увезена со танкери преку Црно Море, благодарение на отстапувањето од ЕУ-санкциите.

Рафинеријата во Бургас може да си дозволи извоз на гориво по значително пониски цени бидејќи работи со сопствена суровина. Минатата година, поради западните санкции, цените на руската нафта на светските берзи беа во просек 20-30 долари за барел пониски од цените на берзата.

Бугарската статистика покажува дека Украина сега ѝ е трет по големина трговски партнер на балканската земја благодарение на извозот на горива, откако ги замени САД. Во 2021 година, Украина се најде на осмото место меѓу земјите надвор од ЕУ како дестинација за бугарски извоз.

Извозот на гориво од Бугарија во Украина го достигнал врвот во ноември 2022 година, кога биле извезени нафтени деривати во вредност од 130 милиони евра.

Лавината од извоз на нафта во Украина почнала во мај, кога биле извезени производи во вредност од 40 милиони евра, а во јуни достигнала 105 милиони евра. Од јуни до крајот на годината нивоата биле постојано високи.

Периодот на највисока продажба на гориво во Украина се совпаѓа со владеењето на преодната влада на претседателот Румен Радев, кој од неговите противници беше обвинуван дека е проруски настроен.

Радев е жесток противник на испраќањето бугарско оружје во Украина, но иако поделен, парламентот не го послуша и мнозинството одлучи да испрати оружје на крајот на минатата година.

Бугарија си го штити бизнисот

На 13 јануари, бугарскиот парламент усвои закон со кој се дозволува горивата произведени од руската нафта да се извезуваат само во Украина. Сепак, постои дупка во законот што дозволува трговија со други земји надвор од ЕУ за горивата што ги произведува Лукоил во Бугарија, за кои нема пазар во Бугарија.

Ова го отвора прашањето за можен реекспорт на горива од руската нафта во ЕУ, но само откако тие ќе бидат продадени од Бугарија на земја надвор од ЕУ.

Ако нафтата потекнува од друга земја, на пример, Казахстан, но поминала низ Русија во транзит, новиот бугарски закон вели дека може да се увезува во Бугарија и производите да се продаваат на европскиот пазар.

На крајот на минатата година Лукоил ја објави својата намера Бугарија да ја направи своја главна база во ЕУ. Руската компанија вети дека ќе плати стотици милиони евра даноци во Бугарија доколку ѝ се дозволи да го извезува своето производство на нафта во земјата. Рафинеријата на Лукоил во бугарскиот град Бургас е најголемата на Балканот.

Привремено отстапување според шестиот пакет санкции на ЕУ против Русија беше предвидено за увозот на сурова нафта преку нафтоводи во оние земји-членки на ЕУ што, поради нивната географска ситуација, страдаат од специфична зависност од руските испораки и немаат остварливи алтернативни опции.

Вакво отстапување Бугарија има до крајот на 2024 година.

Во 2022 година Бугарија, исто така, ѝ продала оружје во вредност од над 1 милијарда евра на Украина, иако не директно туку преку посредници, покажа истрагата на Еурактив минатата година.

Оваа балканска земја е главниот снабдувач со муниција за советското оружје на украинската армија, иако официјалните власти во Софија сè уште негираат дека имало таков извоз.

„Логично е“

„Логично е Бугарија да извезува повеќе горива во Украина и тоа ќе продолжи и оваа година“, рекол Мартин Владимиров, директор на програмата за енергија и клима во влијателниот бугарски тинк-тенк центар за проучување на демократијата (ЦИД), за Еурактив Бугарија.

Владимиров, еден од водечките енергетски експерти во Бугарија, исто така, потврди дека во Украина се извезуваат горива произведени од Лукоил или од други увозници на руски горива, како што е бугарската компанија Инста оил, која директно увезува горива од Русија.

„Тоа не се увозници на сурова нафта, туку на готови производи, кои потоа се извезуваат преку Романија, а според моите пресметки, приближно 32.000 барели такви горива стигнуваат во Украина дневно. Станува збор за гасно масло, кое се користи за тешки машини и земјоделски машини“, рече Владимиров.

Тој не се согласува со неодамнешните стории објавени од Ди велт и Политико, каде што се тврди дека Бугарија обезбедува 40 отсто од горивото за украинската армија, велејќи дека овој процент е многу претеран.

Поранешниот министер за финансии Асен Василев изјави за Ди велт дека Бугарија стана еден од најголемите извозници на дизел-гориво во Украина и на моменти покрива дури 40% од нејзините потреби. Статистиката сепак покажува дека главниот извоз од Бугарија е гасното масло.

„Важно е да се нагласи дека сите производи што се извезуваат во Украина се или горива директно произведени во Русија или произведени во Лукоил Нефтохим“, рече Владимиров, кој очекува тоа да продолжи и оваа година.

„Ова ќе продолжи бидејќи Европската комисија во декември даде експлицитно отстапување за Бугарија да може да извезува производи произведени од руската нафта во Украина во износ од просечните вредности во последните пет години“, рече Владимиров.