Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Советот на ЕУ офисијално даде одобрение за задолжително воведување на единствен полнач за мобилни телефони и други електронски уреди од 2024 година.
„Веќе нема да биде неопходно да се купува полнач секогаш кога ќе купите нов мобилен телефон или сличен уред. Полначот кој е компатибилен со повеќе уреди ќе заштеди пари и време и ќе придонесе за намалување на електронскиот отпад“, изјави Јозеф Сикела, чешкиот министер за индустрија и трговија, чија земја во моментов претседава со Советот на ЕУ.
Директивата за еден полнач го воведува USB-C како стандарден слот за полнење електронски уреди во Европската унија. Од 2024 година, сите уреди како што се мобилни телефони, таблети, е-читачи, дигитални фотоапарати, конзоли за видео игри и слушалки ќе мора да имаат USB-C слот, што значи дека сите ќе можат да се полнат со ист полнач.
Со цел потрошувачите да знаат што точно купуваат, директивата воведува пиктограм што покажува дали се нуди полнач со новиот уред и етикета што ја покажува ефикасноста на полнењето.
Директивата деновиве треба да биде објавена во Службениот весник на Европската Унија, а ќе стапи на сила 20 дена по тоа објавување. Новите правила ќе почнат да важат 24 месеци по нивното стапување во сила.
Дополнително, 40 месеци по стапувањето во сила на директивата, овие нови правила ќе важат за сите лаптопи, кои исто така ќе можат да се полнат со уникатен полнач.
Директивата, исто така, им дава на потрошувачите избор да купат нов уред со или без полнач, со што се заштедуваат пари и во исто време се намалува количината на електронски отпад поврзан со производството, транспортот и отстранувањето на полначите.
Четири години по стапувањето во сила на директивата, Комисијата ќе процени дали таквата посебна продажба треба да стане задолжителна.
Иако безжичното полнење станува сѐ попопуларно, сè уште не е усогласено меѓу сите уреди. Со цел оваа технологија да биде подостапна за што е можно повеќе уреди, Комисијата ќе работи на стандардизација на безжичното полнење за електронски уреди и интероперабилност врз основа на технолошки развој.