ЕУ ја казни Полска со 500.000 евра дневно за работата на рудникот Туров – Полска не попушта: „Нема да добиете ни цент“


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Полската влада не планира да го затвори рудникот за јаглен Туров, ниту придружната електрана, затоа што тие се клучни за енергетската безбедност на земјата, без разлика на барањата, спорот и казните од ЕУ од 500.000 евра за секој ден што Туров е во погон.

Во понеделникот највисокиот европски суд ја објави казната за Полска откако земјата 4 месеци ја игнорира претходната наредба за прекинување на ископување лигнит во рудникот во Туров.

Од рудникот се снабдува електрана која покрива 7% од потрошувачката на електрична енергија на Полска, меѓу другото и училишта, болници, домаќинства, и вработува 3.600 луѓе, заради што се смета за клучна за енергетската безбедност на Полска.

За министерот за правда на Полска европскиот суд ја казнува земјата затоа што „таа не дозволува нејзините граѓани да останат без енергија и не ги затворила рудниците преку ноќ. Ова е судска кражба и грабеж сред бел ден. Нема ни цент да добиете.“

Според портпаролот на полската влада „ниту една одлука на судот не смее да навлегува во прашања поврзани со основната енергетска безбедност на земјите членки на Унијата“.

Паралелно со судската одлука се одвиваат и преговори меѓу Полска и Чешка, во чија близина се наоѓаат рудникот и комплексот, за изнаоѓање на компромисно решение.

Рудникот кој почнува со работа уште во 1904, со децении е обвинуван од жителите на Германија и Чешка од заедниците кои се граничат со Полска, дека доведува до опасни нивоа на загаденост на воздухот и аудио загадување.

Туров заврши на суд по тужба од чешката влада која успеа да докаже дека работата на рудникот е еколошка опасност која излегува од границите на Полска. Првичното барање на Прага беше Полска да се казни со 5 милиони евра на ден, доколку рудникот не престане со работа.

Во април полскиот министер за клима и животна средина, ја продолжи важноста на лиценцата ископување на Туров од 2026 на 2044, кога се очекува дека сите залихи на јаглен ќе бидат целосно исцрпени.

80% од електричната енергија во Полска се добива од јаглен, меѓутоа земјата се сложи до 2049 да го затвори и својот последен рудник за јаглен. Во 2019 благодарејќи на количината на согорен јаглен, Туров беше петтиот најголем извор на стакленички гасови во Полска.