„Етосот и естетиката на црковните музички химни во Пасхалниот период“ и „Песнопенија за Страдањата Христови“ – духовно и естетско „патување на душата“


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


На 25 мај 2021 година, на отворената сцена од НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, се одржа предавањето: „Етосот и естетиката на црковните музички химни во Пасхалниот период“ проследено од концертот на македонска духовна музика: „Песнопенија за Страдањата Христови“. Настанот беше во организација на НУ Центар за култура „Марко Цепенков“. Публиката присуствуваше на извонредна вечер која долго ќе ја памети.

Предавањето од областа на естетиката на музиката, со акцент на православната химнографија од Пасхалниот период, кое предизвика голем интерес кај публиката, го одржа протопсалт м-р Гоце Секулоски. Концертот на македонска духовна музика „Песнопенија за Страдањата Христови“ беше музичка изведба од лирски карактер на неколку композиции посветени на Страсната Седмица. Во краткиот концерт беа исполнети „Денес виси на дрво“, „Живот си, Христе“, „Достојно е, Животодавче“, „Народите сите“ и „Христос воскресна“. Извонредното музичко доживување кое се надоврза на предавањето го приредија Ана Митоска – вокал, Петар Христов – кларинет, критска лира, Кристијан Кожумановски – контрабас и Горан Дукоски – лаута.

Впечатоци на публиката

И едукативниот и духовно-естетскиот дел од настанот очигледно во целост ги оправдаа очекувањата кај публиката, со оглед на фактот дека оние кои решија да го споделат нивното искуство од истиот, не штедеа суперлативи и пофалби.

„Предавањето на м-р Гоце Секулоски за црковните музички химни во Пасхалниот период беше извонреден вовед во концертот Песнопенија за Страдањата Христови. Вокалот на Ана Митоска, кларинетот и лирата на Петар Христов, контрабасот на Кристијан Кожумановски и лаутата на Горан Дукоски прозвучија во Христољубно единство. Како да го слушавме живото срце и на Страдалниот и на Воскреснатиот Христос!“ – вака го изрази и сподели своето доживување на ова духовно и музичко „патување“ прилепчанецот Слободан Беличански, еден од најредовните посетители на сите културно-уметнички настани во Прилеп.

Писателката Сузана Ѓорѓиевска не се воздржа своето доживување на настанот да го изрази на малку повозвишен начин и попоетски стил.

„Тих претпразничен акшам збива над летната сцена на „Марко Цепенков“. Ја вести Руса Среда. Преполовение! Испоседнати под муракиплијата небо, ние, скапо купените, на громогласното „Христос воскресе!“ на предавачот, протопсалт м-р Гоце Секулоски, сефте вративме:

– Вистина воскресе!

Потоа надојде стерната. „Етосот и естетиката на црковните музички химни во Пасхалниот период“ надојде и бувна во нас, со живот купените, но не за да руши и поплавува, не за да раскостува и откорнува, премостено да размостува, кренато да ничкосува… Надојде и бувна за ука, за воведение кај што воведени не сме биле, за избавление, за показ и приказ. Надојде да окуражи, да окрили, искариотизам со гргор да нариса, ништоверци и фарисеи од сите страни да сардиса. Би Јустинијан од Тауресиум, и би песната Јустинијанова – Еднороден Сину. И би химната, гласот, би бојата, би обвинувањето, копјето в ребра, би крвта… Друго нема! Потоа ракоплескавме! Долго! Долго ракоплескаа скапо купените од една метохија голема колку во крпче да се врзе.

По приказно убавото слово, нова стерна! Македонска духовна музика! Песнопенија за Страдањата Христови. И приказно убав пој, врзопче од ноти и думи, врзопче од слики без боја нарисани, врзопче од нишки секакви подврзано со црвената нишка на Страсната Седмица. “Денес виси на дрво“, „Живот си, Христе“, „Достојно е, Животодавче“, „Народите сите“ и „Христос воскресе“ воскреснаа за нас. Воскреснаа и нѐ смраморија! Нѐ смрамори едно македонско девојче (Ана Митоска) кое и билбил натпева. И еве, би Руса Среда и изврви, а јас уште го слушам појот – вдахновител, лирата и кларинетот ги слушам (Петар Христов), контрабасот и лаутата (Кристијан Кожумановски, Горан Дукоски), а со нив и биежот на срцето ми поземено од белораката месечина испростумена на волшебната певница. Вечер за приказ!

– Христос воскресе!“ – напиша Ѓорѓиевска.