Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
За да го подобрите квалитетот на сонот, треба да се откажете од лошите навики, бидејќи тоа е многу важно за општата здравствена состојба, советуваат француски експерти, кои спровеле анкета по повод одбележувањето на Светскиот ден на сонот – 17 март.
Половина Французи постелата ја делат со партнерот, а четвртина повремено во кревет го примаат своето дете на возраст од две до пет години, поради тоа што е немирно, болно или плаче, но и поради лошите економски околности.
Дури 77 отсто испитаници рекле дека самите избрале да ја делат постелата со партнерот, а третина од нив одговориле дека партнерите спијат одвоено, во друг кревет поради сопствена удобност или да го избегнат ’рчењето на другиот.
– Дури 35 отсто лица ’рчат во сон, но тоа што на другиот партнер обично повеќе му пречи е немирното спиење, вели доктор Жоел Адриен, потсетувајќи дека ’рчењето е позачестено со годините, по обилните оброци и кај дебелите луѓе.
Адриен советува дека за „табуата за спиењето во заедничка постела треба да се разговара со партнерот, бидејќи лошиот сон е чисто страдање… а и лошо влијае на општата здравствена состојба”.
– Разговарајте со партнерот: дали ќе купите поголем кревет или во брачната соба ќе ставите два кревета, а можете да се договорите да спиете во одвоени соби. Квалитетот на сонот е исклучително важен, вели Адриен.
– Да се спие со мало дете е многу лоша идеја, дури и кога е болно, бидејќи праксата може да стане вообичаена, а последиците по автономијата во креветот ќе се чувствуваат подоцна, додава таа.
Третина Французи имаат миленичиња, повеќето кучиња или мачки, а 17 отсто од нив речиси секоја ноќ ги примаат во својот кревет.
Анкетата покажала дека домашните миленици во кревет немаат никакво влијание на сонот на сопственикот кај 61 отсто испитаници, а 13 отсто од нив одговориле дека им го подобрува сонот. Речиси 30 отсто учесници во истражувањето одговориле дека присутноста на нивните влакнести миленици во кревет им пречи и влијае за лош сон.
Адриен потсетува дека треба да се води сметка дека домашните миленици имаат поинаков ритам од своите сопственици.
– Генерално гледајќи за добар и квалитетен сон не е многу добро секогаш да се дели постелата со некого. Но, луѓето имаат различни навики и самите треба да увидат што е најдобро за нив, смета Адриен.